Македонската репрезентација успеа да извади позитивен резултат враќајќи се непоразена од незгодното гостување во Израел. Домаќинот поведе по наш кикс, но Адеми набрзо врати.
И двете репрезентации има шанси да ги освојат трите бода, но на крајот мораа да се задоволат со бод. Откако на полувреме се замина без голови, само десет минути по паузата Захави искористи невнимание во македонската одбрана и го отвори резултатот. Манор Соломон испрати една топка во нашиот шестнаесетник каде прво Муслиу не реагираше, а ниту голманот Димитриевски не тргна на топката која дојде до Захави на кому не му беше тешко да ја турне зад гол-линијата за ерупција на стадионот во Бершева.
На израмнувањето не се чекаше долго, само девет минути. Езџан Алиоски нафрли во домашниот казнен простор каде Аријан Адеми со глава заби во противничкиот гол. Човекот кого го мачеше повреда и не беше планиран да игра вечерва на крајот испадна спасител на Македонија.
До крајот двете репрезентации тргнаа на гол за победа, но ниту една не успеа да ја затресе противничката мрежа. За Израел ова е осмиот освоен бод, додека за нас петти.
Следниот натпревар на Македонија е на гости кај Латвија веќе во понеделник вечер.