Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и американскиот амбасадор Филип Рикер денеска во Центарот за обука на МВР во Идризово присуствуваa на промоцијата на обуката за „Важноста на човечките ресурси за успешна организација со преглед“ во организација на Владата на САД преку американската амбасада во Македонија и Одделот за правда - Меѓународната програма за помош и обука при вршење на кривични истраги ICITAP.
Стратешкото управување со човековите ресурси, нагласи Јанкулоска, е комплексен процес кој е основа за успешно полициско уредување и е прв предуслов за успешно работа на секоја организација.
- Нашиот императив е создавање професионален персонал, кој ќе напредува во својот развој врз база на своите знаења, капацитети и заслуги. Преку овој модел се нуди поголема слобода во одлучувањето, самоиницијативност и самостојност, а со тоа очекуваме и понатамошно подобрување на квалитетот во нашето работење, рече министерката Јанкулоска.
Според неа, особено е важно вработените во МВР да го прифатат значењето на стратегијата за управување со човечки ресурски, затоа што таа претставува основа за нивното функционирање, почнувајќи од првиот ден на вработувањето понатаму тренинг, развој во кариерата па се до нивното пензионирање. Таа потенцира дека според актуелната состојба во МВР е евидентно дека се достигнати суштинските стандарди и оти на извршно ниво постои завидна оперативна ефикасност.
Амбасадорот Рикер подвлече дека обуките ќе бидат насочени кон постигнување високи стандарди поврзани со управувањето со човековите ресурси.
- Се надевам дека успехот во МВР ќе биде пример за други министерства во Владата на Македонија да ги користат услугите од експертите од областа на човековите ресурси што ќе придонесат за деполитизирање на позицијата на јавната администрација. Полицијата, која служи да ги заштити граѓаните и да го штитат законот, треба да знаат дека и тие самите се заштитетни и нивното напредување во службата зависи од извршувањето на задачите, нагласи Рикер.
Во рамките на првата од низата обуки што ќе следат во наредниот период на триесетина полициски службеници од разни единици на МВР, американски обучувачи ќе им ги пренесат своите искуства и пракса во областа на човечките ресурси.