Авторите на спомениците за реализација на проектот „Скопје 2014“ денеска ги отфрлија како невистинити нападите кои врз нив беа упатени деновиве и посочија дека се работи за контра кампања.
- Ние го осмислуваме само ликовниот момент и ништо друго, затоа најостро и најенергично се огласуваме на нестручните и невештите напади врз нас и се спротиставуваме на секој обид да се девалвираат нашите дела, компетентност и труд, рече на денешната прес - конференција авторот Жарко Башески.
Тој посочи дека македонската јавност знаела оти станува збор за стручни професионалци, кои се верификувани во земјава и странство.
- Нашите дела се сериозни, издржани и естетски моќни. Тие се дел од силниот концепт за создавање и бележење на реалните вредности на оваа држава, овој народ и неговото делување на овие простори. Ќе се согласиме сите дека тоа се дела кои никој немаше доблест да ги изгради во последните 60-тина години. Зарем ние авторите сме виновни за тоа, праша Башески.
Тие велат дека се што се случува е само невешт пример за обид и внесување на негативен аспект во перцептивното поимање на проектот од страна на граѓаните. Според нив, преку овој проект главниот град ќе заличи на вистинска метропола.
Авторите најавија дека за околу еден месец треба да бидат поставени спомениците на Гоце Делчев и Даме Груев, како и лавовите.