Охридска банка денеска преку соопштение го потврди случајот дека вчера попладне е ограбено возило на транспортната компанија од која Банката ги користи услугите за превоз на готовина и вредносни пратки.

Банката користи надворешен провајдер на услуги за транспорт и обезбедување.
Во соопштението од Банката не наведуваат за колкава сума станува збор и притоа додаваат дека, сепак, добро е што нема човечки жртви и повредени.
Банката, како што стои во информацијата, е комплетно покриена со осигурувањето.
Според вчерашната информација од МВР, непознати вооружени лица ограбија возило со кое се пренесуваа пари на Охридска банка во близина на село Кадино, Скопско.
Грабежот се случил во 16 часот и 45 минути кога, според пријавата, возилото на Охридска банка било запрено од страна на едно лице. Во моментот кога возилото запрело им се приближило патничко возило од кое излегле две лица вооружени со автоматски пушки. Под закана со оружје од вработените во банката им било побарано да им ги дадат парите. Откако ги зеле парите ограбувачите избегале во непознат правец.
МВР врши разговори со одговорните во Охридска банка и лицата кои беа во возилото со кое се пренесуваа парите за Охрид.
Се трага по лицата и возилото со кое е извршен грабежот.