Честитки за изборот за претседател на САД на Доналд Трамп денеска упатија македонските политичари, при што од владејачката ВМРО-ДПММНЕ порачаа дека ќе ги продлабочат односите меѓу двете држави, а од опозициската СДСМ изразија жалење што САД нема да ја добие првата жена претседател.
По завршувањето на пребројувањето на гласовите и заедничкото следење во хотелот „Александар Палас“, Влатко Ѓорчев рече дека владата и ВМРО-ДПМНЕ ќе пристапат кон продлабочување на односите меѓу САД и Македонија.
„По завршувањето на американските избори што беа и за претседател и за третина од Сенатот за целиот Конгрес и по завршување на изборите на 11 декември и по формирањето на владата на ВМРОДПМНЕ, ќе пристапиме кон она што се нарекува одржување, развивање и продлабочување на односите меѓу двете држави и народи“, изјави Влатко Ѓорчев од ВМРОДПМНЕ.
Радмила Шекеринска од СДСМ, оцени дека ова беа едни од најинтересните и најнепредвидливи избори во САД.
„Како жена не можам да кажам дека не жалам што една од најмоќните држави во светот не ја доби првата жена претседател. Но, американските избори покажаа две важни работи, а тоа е дека дури и големата медиумска поддршка на одредени кандидати и одредена политичка партија не е доволна доколку граѓаните бараат промена. Јас сум убедена дека таа порака ќе ја испратат македонските граѓани и на 11 декември“, рече Шекеринска.
На претседателските избори во САД Доналд Трамп беше избран за 45-от претседател на најголемата светска сила.