Рецензии
Рецензија

„The Martian“: Вселенска приказна за човечката волја за преживување

2. октомври 2015 - 18:12 | Ивана Милосковска

Останувате сам, на друга планета за која знаете малку. Имате ограничени ресурси, а немате можност за контактирање со надворешниот свет - може ли замислите како би било ова? По гледање на „The Martian“ ќе го дознаете чувството, атмосферата и инстинктот за преживување на човекот во ваква ситуација - прецизно доловени во научно-фантастичната авантура во режија на Ридли Скот.

„The Martian“, базиран на истоимената книга, почнува со мисија на Марс, што е прекината кога тимот на НАСА е затекнат од песочна бура, што делува како да е кобна за астронаутот Марк Ватни (Мет Дејмон) - тој е повреден и исфрлен подалеку од тимот. Неможејќи да го видат ниту исконтактираат, тие претпоставуваат дека е мртов, а условите им наложуваат веднаш да ја напуштат Црвената планета. Ја прекинуваат мисијата и тргнуваат на пат за накај дома. Но Вотни не е мртов, само малку повреден и соочен со нешто што не го очекувал. Трезвено и свесно ја прифаќа ситуацијата дека е оставен сам, на малку позната планета со ограничени ресурси и неможност да исконтактира со никој, да каже дека е жив или пак да побара помош. Тој е принуден да се снаоѓа и преживува сам во привременото живеалиште на НАСА на планетата, додека не најде начин за контакт или дури не дојде следната закажана мисија на Марс. 

Ако стравот од смртта го направи ликот на Сандра Булок во „Gravity“ преголем паничар во поголемиот дел од филмот, протагонистот овде е сосем спротивен: смирен, соземен и видно позитивен. Нашиот астронаут (кој патем е ботаничар) решава да го извади максимумот од ситуацијата - го искористи своето стручно знаење, обуката во НАСА и сите реквизити што му се на располагање со една крајна цел, преживување и враќање дома. Не губи време на тагување или паничење - гледајќи на позитивната страна дека ништо нема да тргне наопаку во целото време додека е Марсовец, се концентрира на единствениот проблем што би можел да го има додека го спасат - недоволно храна. Новиот прв проект е да претвори дел од живеалиштето во ботаничка градина, каде ќе почне да си одгледува залихи на храна. 

А во меѓувреме успева да остане позитивен, вицкаст и да не полуди - нешто во што му помага снимањето на астронаутскиот дневник низ целиот филм, каде го раскажува напредокот, успесите и неуспесите во своето секојдневие на Марс.

„За среќа“ е нешто што повеќепати го повторува нашиот протагонист - фраза сосема на место за некој што навистина има многу среќа низ целата авантура, со оглед на ситуацијата во која се наоѓа.

Кинематографијата на „The Martian“ е врвно ниво - не ни очекував помалку од човекот кој стои зад „Blade Runner“ и „Alien“. Визуелната перфекцијата на режисерот доаѓа до израз преку одличните кадри, бои, културните визуелни ефекти, фотографија и целосно доловување на атмосферата на Марс. Околината и атмосферата изгледа навистина реалистично, но не само за нас лаиците, туку и за научниците на НАСА. 

Кога станува збор за науката, слободно може да се каже дека ја игра главната улога во филмот (извини Мет Дејмон). Нема да навлегувам во научната точност во „The Martian“ - вистински астронаути на НАСА го покрија тој дел кога ги пофалија, како авторот на книгата (за кого најважен елемент од приказната бил токму научната точност), така и екранизацијата на Ридли Скот. 

Слободно може да се каже дека ова е најдоброто филмско остварување на овој режисер во многу години. Нема сомнеж дека со добра и квалитетна приказна како основа, овој филмски ветеран знае да скоцка одличен производ што ќе го извади за претходните филмови што ја разочараа публиката и критичарите. „The Martian“ е генерално лесен и позитивен филм, возбудлив, со доволно „за среќа“ моменти,  a личниот став на Вотни и леснотијата со која се справува со проблемите, го прави уште по пријатен за гледање и уживање во оваа вселенска авантура. 

Оцена: 7/10 

Loading the player...

 

Коментирај