Минатиот месец извршниот директор на Disney, Боб Ајгер, најави дека Marvel веќе започнал со планирање на неколку суперхеројски филмови со R-рејтинг, меѓу кои се неколку продолженија на „Deadpool“ и цел куп нови проекти, од кои барем еден ќе биде нов филм за убиецот на вампири, Блејд.
Актерот Весли Снајпс ја помина целата измината година најавувајќи дека фановите на „Blade“ ќе добијат шанса да се израдуваат на нови авантури на црниот суперхерој кој беше еден од најважните ликови за подемот на Marvel во она што го знаеме денес.
Според она што го знаеме досега, Снајпс би требало да биде вмешан во новото продолжение на „Blade“, на еден или на друг начин. Извештаите од американските медиуми тврдат дека Marvel веќе има подготвено сценарио за новиот филм, во кој Блејд ја тренира неговата ќерка за таа да го наследи во неговата борба против вампирите.
Оригиналниот „Blade“ беше многу добро прифатен од публиката и го започна трендот на суперхеројски филмови кои се сфатени сериозно и ги полнат киносалите ширум светот. Иако Снајпс беше „фаца“ во Холивуд и претходно, во ликот на Блејд најде идентитет кој остана со него до ден денес.
Marvel е во разговори со Весли Снајпс веќе неколку години и тие заедно планираат да направат барем уште еден филм од франшизата за популарниот Блејд. Сепак, тоа не е гаранција дека ќе добиеме ваков филм – ниту сега, ниту во иднина.