Култура

Милчо Манчевски издаде книга во САД

9. април 2012 - 20:25 | Макфакс

Деновиве во САД се појави нова книга од македонскиот режисер Милчо Манчевски, со наслов „Вистина и проза: белешки за (исклучителната) верба во уметноста", чиј издавач е реномираната њујоршка издавачка куќа „Пунктум букс".

Издавачот во известувањето за американските медиуми го најавува Милчо Манчевски како „писател и режисер кој е номиниран за Оскар, роден во Македонија, а живее во Њујорк". Книгата е пишувана на англиски и засега нема превод на македонски.

Во најавата на книгата, „Пунктум букс" натаму велат: „Манчевски размислува за различните начини на кои и авторот и публиката го создаваат, го извршуваат и го апсорбираат синематискиот наратив со одредена верба и вера дека уметничкото дело ќе ја претстави не толку фактичката вистина како таква, туку важното заедничко искуство на верување во 'рамништето на стварност создадено од самото уметничко дело' така што 'му веруваме на неговата внатрешна логика и интегритет, имаме верба во она што се случува додека му се предаваме на ова уметничко дело'. Вистината станува прашање на она што уметникот и публиката успеваат да го видат и почувствуваат заедно: она што го чувствуваме како вистинско станува светот што го населуваме".

Ова не е прва книга на Манчевски, кој покрај режија, се занимава и со пишување сценарија, проза, арт перформанс и фотографија. Неговата пост-концептуалистичка мини-книга „Духот на мајка ми" се појави во 2000 година, а повеќепати негова проза е објавуванa во литературното списание „Њу американ рајтинг".

За оваа книга, авторот Манчевски вели: „Книжулево содржи белешки кои се резултат на фокусирано размислување за процесот на уметничко творење. Пишувањето ми е голем мерак, веројатно поголем од режирање затоа што ослободува и стимулира апстрактно размислување".

Коментирај