Малку по 12 часот во Специјалното јавно обвинителство се појави министеркта на култура Елизабета Канческа-Милевска.
Засега нема официјални потврди во кое својство во СЈО е повикана министерката за култура. Се претпоставува дека е повикана во врска со проектот „Скопје 2014“, за кој опозицијата имаше големи забелешки поврзани со финансиски малверзации.
На 26 јули градоначалникот на скоспката општина Центар, Андреј Жерновски во СЈО достави два ревизорски извештаи, изработени на барање на Општината во врска со проектот „Скопје 2014“. Тој тогаш не сакаше да сподели повеќе детали од исказот во ова обвинителство затоа што се работи за предистражна постапка која е тајна, само истакна дека проектот првично бил најавен дека ќе чини 80 милиони евра, но оти сега чини осум пати повеќе, односно 640 милиони евра.
Наводно, Жерновски требаше да биде испрашуван за четири споменици од „Скопје 2014“, и тоа за „Воин на коњ“, фонтаната со коњаникот во центарот на плоштадот „Македонија“, за споменикот на Цар Самоил, исто поставен на плоштад, за споменикот на Методија Андонов - Ченто и за комплексот „Воин“’ од другата страна на Камениот мост.