Македонија

Министерство за финансии: Наредната недела ќе биде поставена тријазична огласна табла

31. јули 2019 - 16:53 | МИА/КАЈГАНА

Министерството за финансии излезе со соопштение во врска со менувањето на огласните табли, откако претходно во текот на денот реагираше Движењето БЕСА за почитувањето на Законот за јазици.

„Во однос на постапката за менување на огласните табли на Министерството за финансии кои треба да бидат тројазични, сакаме да ја известиме јавноста дека тендерската постапка која ја спроведува Службата за општи и заеднички работи, е завршена. Ве известуваме дека во соработка со СОЗР, тројазичната огласна табла на Министерството за финансии на македонски, албански и англиски јазик, ќе биде поставена во текот на наредната недела“, стои во соопштението на Министерство за финансии.

Претходното соопштение на Движењето БЕСА ви го пренесуваме во целост:

„Иако поминаа неколку месеци од донесувањето на Законот за употреба на јазиците, како и обврската што ја има Владата за почитување и имплементирање на истиот, ние сме денес тука пред Министерство за Финансии каде што може да гледате дека тука сѐ уште не се почитува законот за јазици.

Законот за употреба на јазиците не го почитуваат и многу други институции, но оваа акција ја инициравме токму пред ова министерство бидејќи одговорен за овој ресор е премиерот Зоран Заев, а негов заменик министерот е од редовите на ДУИ, која како и нејзината партија изгледа дека повеќе се грижат за внатрепартиски проблеми отколку да се придржуваат кон и спроведуваат закони што се од голем интерес на Албанците.

За да го потсетиме раководството на Министерство за финансии дека треба да се придржуваат кон почитување на Законот за употреба на јазиците, им донесовме плакета напишана на албански јазик за да им послужи како потсетник за поставување на службен натпис и на албански јазик од страна на Владата на Северна Македонија.“

Коментирај