Интервјуа
Интервју со главниот и одговорен уредник на магазинот BUG, Хрватска

Мирослав Росандиќ: „Уживајте во печатените весници додека уште можете“

9. април 2012 - 10:31 | Гоце Постоловски

Специјализираните компјутерски магазини беа првите ресурси за информации и квалитетни рецензии за ИТ индустријата. Во минатиот век беа навистина популарни, немаше портали или ги имаше малку, немаше он-лајн весници, едноставно - тие беа алфа и омега, а многумина (меѓу кои и јас) ги чекавме на 1-ви во киоск за да прочитаме што се случувало во светот, но и да научиме нешто. Во недостаток на македонски медиуми (секоја чест на исклучоците), најчесто купувавме и купуваме магазини од соседните земји со подолга традиција од нашата во оваа област, но и со поголем избор на производи за тест, повеќе настани и поексклузивни соговорници.

Еден од најпознатите магазини е хрватскиот „Баг “ (BUG) кој излегува 20 години и сè уште преживува и во ова дигитално време. За она како почнаа, како напредуваа, каде се сега но и дали имаат некои планови за иднина, ексклузивно за Кајгана, разговараме со првиот меѓу нив, Мирослав Росандиќ, главен и одговорен уредник на „Баг“.

Ве молам претставете им се на нашите читатели

На крајот на 80 години, веднаш после дипломирањето на Филозофскиот факултет во Загреб, започнав да работам во градската рубрика во весникот „Вијесник“, во тоа време познат и угледен дневен весник во Хрватска. Во тоа време тоа беше вообичаен прв чекор за почетниците – од дното на новинарското скалило, во опкружување каде што се „пече занаетот“ и има немилосрдна селекција (од мојата генерација во која бевме 30-тина само двајца ја преживеавме селекцијата).

После тоа се сменија многу теми за кои се интересирав, многу задолженија, редакции, но претежно почнав да се специјализирам за технолошки теми, а прв професионален уреднички статус имав во „Авто клуб“ кој во тие години започнуваше да се издава, а и денес е доста популарен неделник за автомобили.

„Баг“ е магазин со кој јас лично (а познавам и многу други луѓе) буквално пораснавме и научивме многу работи од него. Ви благодарам за тоа. Можете ли накратко да ми ја раскажете историјата на овој магазин, како настана идејата, како беше на почеток и како растевте и напредувавте во текот на следните години?

Почетокот на деведесеттите години во Хрватска беа обележани од воените дејствија кои тогаш се случуваа. Директна последица од тоа беше исчезнувањето на скоро сите информатички списанија на пазарот. Веќе не беа достапни ни српските, ниту словенските (кои почнаа да се издаваат на словенски јазик).

Спонтано, група на студенти од загрепскиот Електротехнички факултет покрена иницијатива за издавање на домашен магазин. Имаа идеја, најдоа финансиер, недостигаше само некој кој се разбира од уредништво и издаваштво, па така дојдоа до мене и практично ми понудија да го водам целиот проект. Мени тоа ми се виде како интересен проект бидејќи студирав и информатика, како втор факултет кој поради обврските го запоставив, но како новинар ги следев информатичките теми и на разни начини бев доста инволвиран во активното следење на развојот на ИТ технологиите.

Првиот број го издадовме во декември 1992 година, а го подготвувавме 6 месеци. На почетокот работењето беше како во некоја хипи-комуна, река луѓе поминуваа низ редакцијата, а технологијата на која го подготвувавме магазинот, гледано од денешен аспект, беше како од камено време. Дури моравме да се печатиме во Италија, затоа што во Загреб не постоеше печатница која можеше да ги задоволи нашите барања.

Публиката не прифати фантастично, ремитендата (процентот на непродадени примероци н.з.) беше 1%, што практично значеше дека ја немаше. Нешто навистина нереално.

Само уште да наспоменам дека и покрај нашата младост и неискуство, успеавме во еден детаљ кој ги одвојува аматерите од професионалците, а тоа е почитувањето на роковите. „Баг“ секој месец редовно излегуваше и од број во број станувавме се посериозен и позрел  магазин, а после неколку месеци и водечко ИТ списание во регионот и тоа трае, еве, веќе дваесет години...

Зошто сè уште после толку години сте во„Баг“, а не во нешто друго, некое друго списание, портал, сајт?

Како што кажав во „Баг“, сум од самиот почеток, главен уредник од првиот број. Низ годините имаше разни понуди и можности за преминување во некои поголеми издавачки куќи, но со оглед на фактот дека бевме и останавме лидери во еден сегмент, со голем углед и репутација, никогаш не сум почувствувал дека било кој друг професионален предизвик би бил поголем од оној да ги водам изданијата на „Баг“.

Покрај „Баг“ го издаваме и магазинот „Мрежа“ кој е наменет за ИТ професионалците, имавме и некои други изданија низ годините, а од средината на деведесеттите години имаме и популарни веб страници. Денес тие се во Топ 20 најпосетувани портали во Хрватска, и се меѓу најдобрите специјализирани веб страници.

Како изгледа еден работен ден во „Баг“?

Административниот дел од редакцијата работи во стандардно работно време, додека дел од редакцијата има нефиксно работно време, па така некои доаѓаат наутро, некои попладне. Технологијата ни овозможува едноставно работење од далечина, па така кај нас никогаш не било проблем ако некому му треба слободен ден – своите обврски може да ги одработи, без разлика каде се наоѓа, се што му треба е интернет конекција.

Некогаш одамна завршувањето на број беше многу стресен период кога работевме по цела ноќ и тоа неколку денови по ред. Потоа, материјалите ги носевме до печатницата во Верона (5 часови возење), па често и за време на викендите бевме во редакцијата. Но, тоа е далечно минато, веќе долго се печатиме во Загреб, а екипирани сме така да не може да ни се случи целата работа да не ја завршиме во вообичаеното работно време.

Како ги наоѓате информациите и како одлучувате што ќе иде а што не, со оглед на фактот дека секојдневно има тони и тони нови вести и информации, а вие излегувате еднаш месечно?

Брзината на објавувањето на информациите, денеска во ова интернетско време е фасцинантна и навистина би бил многу фрустриран, доколку сè што сакаме да го објавиме, го објавуваме еднаш месечно. Затоа ја имаме нашата веб страница која примарно ни служи за објавување на дневни вести и информации кои ги интересираат нашите читатели.

Изворите на информации се бројни – од класични новински извештаи кои ни ги испраќаат производителите и маркетинг агенциите, до директни информации кои ги добиваме од нам блиски луѓе од ИТ браншата. Секако, следиме и десетици најрелевантни светски портали кои се занимаваат со исти теми како и ние, активни сме на социјалните мрежи. Мене лично многу корисен ми е Твитер кој го следам на мојот iPad.

Веќе ни одговоривте за тоа како се носите со он-лајн конкуренцијата. Ве молам кажете ни што е според вас главната разлика помеѓу он-лајн и „оф-лајн“ (печатени) медиуми?

Како што кажав, на веб порталите не може да им се конкурира кога станува збор дневните вести, па затоа ние вложуваме многу енергија во своите веб страници.

Магазините можат да ги заинтересираат читателите само ако нудат сеопфатни и технички прецизни рецензии. Посебно големи текстови или колумни, она што публиката најмногу го бара во некој печатен медиум.

Со години наназад, па еве и во последниот број вие сè уште нудите ДВД со секој „Баг“. Зарем не мислите дека тоа е застарено и дека сè може да се преземе од интернет за многу помалку пари? Зарем не е подобро да го исфрлите овој медиум и наместо него да дадете листа предлози и описи кои веќе ги имате на ДВД-то заедно со линкови за преземање?

Да, тоа е една од дилемите со кои се соочуваме во овој момент – дали да издаваме ДВД или не? Во Америка ДВД-та кои се нудеа со списанијата се одамна минато, но во Европа има многу изданија кои ги даваат како прилог. Но, во Америка пак многу магазини се згаснати, додека во Европа не е така. За сега ќе издаваме ДВД, но ќе објавиме и анкета за нашите читатели преку која ќе дознаеме што имаат тие да кажат за ова.

Ни кажавте за „Мрежа“, но има или имаше и други изданија кои што излегуваа од вашата редакција?

Во моментот го издаваме само уште месечникот „Мрежа“, а повремено и по некое специјализирано издание претежно поврзани за некој настан (како што е WinDays Мрежа). Осум години го издававме и Ентер, кој беше наменет за почетниците. Го згаснавме пред година и половина, пред се, поради проблеми со дистрибуција. Имено, тоа издание најмногу се продаваше директно во училиштата (во почетокот дури и исклучиво само таму), но таа продажба беше поврзана со продажбата на учебници (исти продажни канали). Со промената на законот, таквата продажба на учебници кај нас е укината , па така и ние останавме без ненадоместлив дистрибутер. 

Кои се вашите планови за „Баг“ во иднина? Планирате ли некои посебни измени во концептот и содржините?

Никогаш не сме правеле некои големи концепциски промени, но затоа пак „Баг“ се менува секој месец. Некогаш поради тоа добиваме и критики во стилот „не сте така добри како некогаш“, бидејќи има читатели кои не се спремни да прифатат такви промени

На пример, дел од нашите читатели, доста негативно реагираат ако дадеме повеќе простор на мобилните телефони, но ние одамна сме свесни дека смартфоните не се веќе само „обични мобилни телефони“, туку дека се мали компјутери кои ги носиме в џеб, па во иднина ќе им даваме се повеќе простор, дури и по цена некои од нашите читатели да ни замерат за тоа. Нашиот регион е премал пазар за специјализирани магазини, а бидејќи ние се обраќаме на широка публика, таква мора да ни биде и тематиката.

Која е вашата оцена за иднината на печатените медиуми. Дали можат да го преживеат интернетот и интернет времето? На кој начин би можеле да ги пронајдат своите читатели и да ги натераат да платат за нешто  што може да се најде на интернет, најчесто бесплатно?

Нашата работа е производство на содржини, а дали ќе ги продаваме на хартија, веб или некое дигитално издание за читање на таблет и телефон е повеќе техничко-финансиско отколку концепциско прашање. Иако веќе 25 години работам како новинар и уредник на печатени весници, немам ниту малку носталгични чувства спрема овој вид на медиуми. Имам голема почит спрема хартијата, бидејќи тој медиум пред новинарите и уредниците поставува посебни предизвици. Но, во последно време далеку повозбудливо ми е да работам со веб содржини бидејќи ја обожавам таа можност за брза реакција и уживам во големата флексибилност на интернет и интеракцијата со читателите. Печатениот медиум, односно хартијата, е медиум кој побарува неспоредливо повеќе ресурси, не простува грешки, разоткрива површност, но и ги дистанцира авторите од своите читатели.

Ваша порака за нашите читатели?

Уживајте во печатените весници додека уште можете. Сепак, во меѓувреме набавете си некој таблет, тоа е навистина идеален гаџет, како створен за медиумските платформи на современото живеење.

Коментирај