Филм & ТВ

Млада и мистериозна - одбрана актерката што ќе ја игра принцезата Дијана

11. април 2019 - 18:53 | А.С.

Младата актерка Ема Корин, релативно непозната за пошироката јавност, ќе ја игра принцезата Дијана во популарната серија „The Crown“.

Ема ќе се појави во четвртата сезона од серијата, соопшти Netflix, a со снимање ќе се почне наскоро, иако сѐ уште не почнала да се емитува третата сезона.

Многу малку се знае за младата Корин. На нејзиниот профил на IMDb не може да се најде ни нејзината точна возраст (се претпоставува дека е во рани 20-ти), а има и малку податоци за нејзиното актерско искуство. Наводно играла во краткиот филм „ Alex's Dream“ од 2018 година, во една епизода од серијата „Grantchester“ (2019), а нејзиниот прв долгометражен филм „Misbehaviour“ уште е во постпродукција.

До некаде беше сосема очекувано дека ќе биде избрана релативно непозната актерка за да ја толкува покојната Лејди Ди. Кога се воведува ликот на Дијана во серијата таа уште е тинејџерка. Дејството во четвртата сезона се поклопува со мандатот на Маргарет Тачер (ја игра Џилијан Андерсон), што почна во 1979 година, кога Дијана наполни 18 години. Дијана и нејзиниот иден сопруг, принцот Чарлс, се запознаа во 1977 година, кога принцот на кратко се забавувал со нејзината постара сестра, лејди Сара. Дијана и Чарлс почнаа да се забавуваат во 1980 година, а се свршија во 1981 година.

По двете наградувани сезони што ја освоија публиката ширум светот, серијата „The Crown“ во новата сезона ќе направи „скок“ и ќе ја смени актерската постава.

Наместо Клер Фој и Мет Смит, ќе ги гледаме оскаровката Оливија Колман и Тобијас Мензес во улогите на кралицата Елизабета Втора и принцот Филип. На екипата се приклучува и Хелена Бонам Картер во улогата на принцезата Маргарет.

Netflix уште нема соопштено кога ќе почне да се емитува третата сезона.

Коментирај