Фудбал

Морати го советува Конте: Јас би ги зел Џеко и Ѕаниоло

3. декември 2019 - 18:58 | Ф.З.

Поранешниот претседател на Интер со совет до сегашниот тренер да оди на шопинг во Рим, таму има двајца играчи кои може да му завршат работа во пролетниот дел од сезоната.

Масимо Морати одамна не е прв човек на Интер, но будно ги следи случувањата во клубот во кој од мал е заљубен. Смета дека наредните засилувања треба да се бараат во Рома, клубот кој е следен ривал на Интер бидејќи во петок вечер гостува во Милано.

„Јас би го купил Џеко кого го сметам за одличен играч: интелигентен е, добар, константен, дава голови и создава голови. Потоа, би го додал и Ѕаниоло“, рече Морати за Teleradiostereo.

Босанскиот напаѓач Един Џеко веќе некое време се поврзува како прво зимско засилување за тимот нa Антонио Конте. Ништо чудно тоа и да се оствари со оглед на тоа што ова е можеби и последната шанса на Рома да заработи на него. Во март ќе наполни 33 години, а има договор со „Волчицата“ до јуни 2022.

Офанзивецот Ѕаниоло со само 20 години се прослави во дресот на Рома изборувајќи се и за место во италијанската репрезентација. Но, тој во сезоната 2017/18 беше во Интер каде играше за младинскиот тим пред да биде вклучен во трансфер-зделката со која тој и Давиде Сантон преминаа во Рома за во спротивен правец да дојде Раџа Наинголан.

Интер сезонава му е главен и единствен конкурент на Јувентус за Скудетото. Моментално е прв на табелата со бод предност пред „Старата дама“. За да го задржи ритамот, „Нераѕурите“ ќе мора да го збогатат ростерот за кој Конте веќе се пожали дека му е тенок.

Коментирај