Германскиот министер по економија Петер Алтмајер е однесен во болница откако падна од бина по говор што го одржа на „Дигиталниот самит“ во Дортмунд.
Германските медиуми објавија видео снимка на која се гледа како министерот ја промашува скалата и паѓа. Соопштено е дека во болница е превезен во свесна состојба, каде подоцна им се заблагодарил на докторите за укажаната помош. Претходно, медиумите пишуваа дека Алтмајер паднал на лице и притоа кратко ја изгубил свеста.
61-годишниот министер се сопна додека се симнуваше од бината, а по падот кратко време бил онесвестен со скршен нос, исеченици и модрици, пренесува ABC. Официјални лица потврдија дека министерот го скршил носот.
На Twitter тој им се заблагодари на докторите од Клиниката во Дортмунд.
Организаторите на собирот по инцидентот ја испразнија салата во која се одржуваше манифестацијата, пренесува Sputnik. На самитот присутна беше и германската канцеларка Ангела Меркел.