Рецензии
Рецензија

„Mr. Robot“: Возбудлив хакерски трилер што вреди да го погледнете

27. јуни 2015 - 16:07 | Ивана Милосковска

Од познатите телевизиски канали кои во своето портфолио имаат квалитетна листа на ТВ производи, очекуваме добри нови серии, но кога од сосема неочекуван извор ќе се појави нешто квалитетно и ветувачки како „Mr. Robot“, изненадувањето е повеќе од позитивно.

„Mr. Robot“ е серија на USA Network, американски кабелски и сателитски канал кој не може да се пофали со голема гледаност и поголеми проекти досега. Токму затоа логично е да пристапите кон серијата со мали очекувања и скептицизам, што ќе придонесе на изненадувањето и добриот впечаток по гледање на првата епизода. 

Пред телевизиската премиера, „Mr. Robot“, имаше онлајн проекција на пилот-епизодата, што помина изненадувачки добро во однос на број на гледачи и критики. Ова го потврди потенцијалот и квалитетот што го поседува и придонесе да биде нарачана втора сезона за истата, уште пред да се случи ТВ премиерата на првата епизода.

Можеби насловот звучи смешно и несериозно, но суштината на оваа серија е сосема спротивното од тоа. Станува за збор за хакерска трилер драма чии случувања ги следиме преку нарацијата и ситуациите на главниот лик, Елиот (Рами Малек). 

Нашиот (анти) херој Елиот работи во компанија за „сајбер“ безбедност, а во слободно време ја користи својата вештина со хакирање за откривање на неморалните и криминалните тајни на луѓето. Еден од елементите што ја прават серијата паметна и свежа е тоа што бега од стереотипот на програмер што не знае ништо подалеку од својот компјутер и на кого љубовниот живот му е непостоечки. Следно, ова е еден од ретките телевизиски и филмски примери каде техничкиот елемент не е збир на нафрлени глупости (на пример CSI) туку точни, фактички проверени и реалистични ситуации. Како што вели и креаторот на серијата Сем Исмаил: „Хакирањето не изгледа ни приближно како што го покажуваат во сериите и филмовите. Извинете, но Крис Хемсворт не изгледа како хакер“. 

Елиот е антисоцијален и генијален компјутерски програмер, со параноични и социопатски моменти, кој се социјализира со поголемиот дел од луѓето дигитално, но не преку социјалните мрежи и дигитални комуникациски алатки - туку со тоа што ги хакнува. 

Преку голем хакерски напад на компанијата во која работи, на специфичен начин тој ќе биде исконтактиран и потоа регрутиран од мистериозен хакер, со анархистички идеи кон модерното општество - некој што Елиот го знае како Mr.Robot (Кристијан Слејтер). Едно од прашањата кои се поставуваат гледајќи го пилотот е во насока на „Fight Club“: Дали Mr.Robot е реална личност или само дел од фантазијата на Елиот?

Возбудливиот пилот најавува развој на многу интригантна приказна со нетипични заплети, која делува како најприближен приказ на тоа што би се случило кога некоја хакерска група како Anonymous би решила да го сруши финанискиот систем во светот и со цел целосно да го измени општеството во кое живееме.

Ако сакате да гледате нешто што комплетно ќе ви го задржи вниманието на возбудлив и паметен начин,  потенцијалниот летен хит за оваа сезона, „Mr. Robot“, е нешто што не смеете да го пропуштите. 

Loading the player...

Коментирај