Популарната австралиска група Мен Ет Ворк, која жареше и палеше на музичката сцена во 80-те, го плагирала својот хит „Down Under“. Ова го тврди издавачката куќа Ларикин која подигна тужба против Австралијците бидејќи украле неколку делови од песната за деца „Kookaburra sits in the old gum tree“, која во 1935. ја напишала учителката Мерион Синклер.

Пред смртта Мерион авторските права ги продала на Ларикин Мјузик, издавачката куќа од Австралија која сега ги тужи „момците кои работат“ дека не работат по пропис.
Но не е само Ларикин „луд“ овде. Вчера судијата Питер Џејкобсон, веројатно со ептен истанчен слух, пресуди дека според неговото мислење „делот со флејтата во песната на Мен Ет Ворк ги нарушува копирајт правата на „Kookaburra...“ бидејќи реплицира во материјална форма значаен дел од делото на Г-ѓа Синклер од 1935.“.
Правниот застапник на Ларикин, Адам Симпсон, изјави дека компанијата би можела да бара околу 60% од заработката на „Down Under“, што според некои пресметки е сума од десетина милиони долари.
Химнастичната „Down Under“ се искачи на врвовите на топ листите пред 29 години, а и ден денес е редовно вртена на ТВ и радио станиците.
И, што мислите? :) Нели некој се прави многу луд во случајов? Епилогот се очекува на 25-ти февруари кога на барање на судијата „странките треба повторно да се сретнат за да ја дефинираат оштетата“.
Aвторите Колин Хеј и Рон Стрикерт порачуваат: „Не се сомневајте дека не тужат од опортунистична алчност. Никој досега, дури ни авторката на песната додека беше жива не забележа некој плагијат. Се што потсетува на нејзината песна е направено потсвесно, наивно, случајно... Плус, во оригиналот не постоеше делот со флејтата. Еден нов член на нашиот бенд започна да го додава на живите свирки 2 години после нејзиното создавање“.
Б.И. | Кајгана