Филм & ТВ

Најголемите филмски разочарувања во 2019

21. ноември 2019 - 20:19 | АЛЕКСАНДРА СПАСЕСКА

Ова беше година на големи хитови и уште поголеми разочарувања, особено кај долго очекуваните продолженија што ветуваа многу, а малку испорачаа.

Ова не значи дека филмовите биле целосно разочарување – некои од нив дури и одлично поминаа на киноблагајните – но потфрлија во поглед на очекувањата од публиката и мислењето на критиката.

Овие филмови се примери дека успехот на претходните делови од франшизата не гарантира успех на секој следен филм и дека скапите актери и барани режисери не се доволни за добитна комбинација, понекогаш треба и среќа.

На некои филмови едноставно не им било судено да успеат, а овие се дел од нив.

*Внимание! Следат спојлери за филмовите на листата

Serenity

Метју Меконахи немаше добра година. По Beach Bum кој доби лоши критики и уште полошо помина на киноблагајните, го сними најверојатно најлошиот филм на годината, што исто така беше неподносливо предвидлив – Serenity.

Филмот навидум имаше сѐ што е потребно, вклучувајќи двајца оскаровци (Меконахи и Ен Хатавеј), но на сите им беше јасно дека станува збор за едноставно лошо направен филм што заработи бедни 14 милиони долари.

The Curse of La Llorona

Иако на вложените 9 милиони долари заработи импресивни 122 милиони долари, и публиката и критиката се чувствуваа изиграно.

Како што често се случува денес, најдоброто од филмот беше добро измонтирано во трејлерот што ветуваше многу.

Останатото се сведе на очајно напорно „сечкање“ со демек изненадни сцени и „шокантни“ откритија кои режисерот мислел дека се доволни за да создаде мистерија.

Murder Mystery

Уште еден филм што не успеаја да го спасат ни две ѕвезди кои проверено добро работат заедно – Џенифер Анистон и Адам Сендлер.

Филмот што имаше само обиди за хумор беше најавуван како акциона комедија. Но, сѐ во него делуваше толку млитаво и исилено, што 90-минутното измачување на моменти делуваше како пародија на Џејмс Бонд филм „за сиромашни“.

Немаше никаков развој на ликовите, дури ни за филм од овој жанр, а обидите за заплет и возбуда беа очајни.

Ок, малку беше забавно да ја гледаме Анистон како вози спортски автомобил низ тесни улици. Ама недоволно.

Glass

Unbreakable најверојатно е еден од најпотценетите филмови на М. Најт Шјамалан кој ни ја донесе една од најдобро раскажаните origin приказни кога станува збор за филмови за суперхерои.

Split од 2016 ги изненади гледачите кога откривме дека се работи за продолжение на Unbreakable. Сево ова значително ги крена очекувањата за Glass, филм кој требаше да ги обедини двете приказни и да ни го даде големото соочување на суперјунакот со супернегативецот кои не припаѓаат ни на DC, ни на Marvel.

За жал, добивме само едно големо разочарување кое своето постоење го оправда само на киноблагајните  - заработи 250 милиони долари на вложените 20.

Dark Phoenix

Франшизата X-Men има свои моменти, ама пак тешко ви е да ја сакате 100%. Одредени делови функционираат, но поголемиот дел е класично холивудско ѓубре на кое многу е тешко да му дадете валидност и оправдување.

Dark Phoenix не е најлошиот филм во франшизата, но крајот му е толку „искасапен“ со измени и дополнително снимани сцени за да не заврши како Captain Marvel, што ве фаќа нервоза и си викате „подобро да го симнев отколку да го гледав во кино“.

Terminator: Dark Fate

За крај го оставам новиот Terminator, и тоа со тешко срце. Иако е најдоброто продолжение по недостижната „двојка“, сепак треба да се признае дека не беше тешко да се надминат оние грозотии од филмови кои низ годините ја уништија франшизата.

Она што се покажа како далеку потежок потфат, покрај враќањето на Камерон, Хамилтон и Шварценегер, беше да се извлече целата оваа франшиза од калта.

Не помогна ни талентираниот Тим Милер (Deadpool) кој направи сѐ што можеше, но за Терминатор едноставно немаше надеж. Лошите продолженија веќе го имаа уништено она што го изградија првите два дела.

Заработката од 450 милиони долари беше доволна за да се оправда астрономскиот буџет. Вистинска штета, бидејќи Dark Fate беше онаа феноменална кинозабава што ја памтиме, сакаме и бараме.

Коментирај