Наука

НАСА: Дајте му име на новиот ровер што ќе оди на Марс

4. септември 2019 - 11:02 | А.С.

Новиот ровер на НАСА што би требало да слета на Марс во февруари, 2021 година уште нема име, па американската вселенска агенција ги повика учениците и студентите да му одберат име.

Со цел да привлече интерес за мисијата и наедно да ги инспирира младите да студираат физика, технологија, инженеринг и математика, односно науки и дисциплини што го овозможуваат истражувањето на вселената, НАСА го спонзорира предизвикот Name the Rover.

Натпреварувањето е отворено за ученици и студенти во државни и приватни училишта, како и оние што се школуваат сами, а фокусот е ставен на есејот во кој натпреварувачот ги објаснува причините зошто го избрал предложеното име за роверот.

Името на роверот не смее да биде подолго од 50 букви и симболи, а есејот треба да содржи најмногу 150 збора. Еден ученик, односно студент може да конкурира со едно име и есеј. Името не смее да се совпаѓа со други досегашни вселенски мисии или програми на НАСА. Може да се предложи име на вистинска личност, но мора да биде почината.

Крајниот рок за пријавување е 1 ноември, а финалистите ќе бидат објавени јавно и достапни за гласање од јануари, 2020 година.

Оние кои не се ученици или студенти, може да учествуваат така што ќе се пријават да бидат судии.

Коментирај