Наука

НАСА со Стивен Хокинг ќе работи на ултрабрзо вселенско летало

13. декември 2016 - 13:29 | Д.П.

НАСА заедно со Стивен Хокинг ќе работи на минијатурно вселенско летало кое ќе патува со една петтина од брзината на светлината, за да стигне до нашиот најблизок систем Алфа Кентаур.

Во април тимот научници објави нов проект за истражување на надворешната вселена кој се вика Breakthrough Starshot. Проектот подразбира користење на ласери за да испрати илјадници мали вселенски летала до најблискиот систем Алфа Кентаур кој е одалечен 4,37 светлосни години.

Амбициозниот проект кој е во соработка со Стивен Хокинг и рускиот филантроп Јури Милнер, сака малиот силиконски вселенски брод да лета со брзина од една петина од брзината на светлината и да пристигне до Алфа Кентаур за 20 години - што би било околу 100 пати побрзо од она со актуелните конвенционални летала.

Сепак, научниците на наса и на корејскиот институт на наука и технологија најдоа проблем со овој проект за неверојатно патување. Високата радијација во вселената би предизвикала сериозни оштетувања на леталото што ќе го оштети неговиот силиконски слој. Тоа значи дека компонентите на леталото ќе престанат да функционираат години пред патувањето да биде комплетирано.

Тимовите сега работат на решение за овој проект. Инженерот на НАСА, Донг-Ил Мун, кој го води проектот, претстави некои решенија како да се надмине овој проблем.

Еден од начините е да се одбере пат низ вселената кој ќе го минимизира изложувањето на радијацијата.

Тоа ќе резултира со подолга мисија и ќе го направи нови потешкотии за истражувањето. Друга опција е користењето на штитови за да се намали оштетувањето од космичките зраци, но тоа ќе додаде тежина и ќе ја елиминира предноста од користењето на минијатурен вселенски брод.

Мун предложува дека веројатно најпрактично решение е да се овозможи уредот да страда од радијацијата, но да се дизајнира процесорот така што самиот ќе „заздравува“. Неговата сила ќе се намалува на неколку години, па загревањето на транзисторот ќе ги „лекува“ дефектите предизвикани од радијацијата. Процесорот потоа ќе продолжи со нормална работа, откако ќе биде доволно „заздравен“.

„Ваквиот тип на себе-поправање на процесорите постои многу години“ - вели Џин-Ву Хан, кој е дел од истражувачкиот тим на НАСА.

Во текот на тестовите во лабораториски услови, процесот и овозможил на флеш меморијата да заздрави до 10.000 пати, а DRAM меморијата да заздрави до 1012 пати.

Засега е премногу рано да се размислува како да се испрати леталото во вселената, но тимот смета дека техниката во иднина може да ги направи долгите вселенски мисии како таа до Алфа Кентаур, технички изводливи.

Тимот зад Breakthrough Starshot вели дека секое летало би тежело околу еден грам, а неговата изработка би чинела колку еден смартфон. Тие ќе бидат опремени со камери, потонски погон, батерии за енергија, навигација и комуникациска опрема.

Една голема пречка покрај потребата за технолошки напредок е и тоа што проектот Breakthrough Starshot треба да најде меѓу 5 и 10 милијарди долари за истражување и развој на нано-вселенските бродови, пишува Wired.

Коментирај