Култура

„Насон прочитана книга“ од Соња Манџук е добитник на наградата „Пегаз“

27. септември 2019 - 14:37 | МИА
Скопје, 27 септември 2019 (МИА) – Ракописот „Насон прочитана книга“ од авторката Соња Манџук е победник на првото издание на книжевната награда „Пегаз“ што ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ за најдобар необјавен роман на годината.

На денешната прес-конференција во Скопје на која беше соопштен победникот, од „Арс Ламина“ истакнаа дека конкурсот предизвикал голем интерес кај домашните автори, со што до крајниот рок во мај годинава, на официјалната е-адреса на „Пегаз“ пристигнале 77 ракописи.

За победникот одлучи тричлената стручна жири-комисија составена од Димитар Башевски, писател и издавач, Иван Шопов, писател, и Бисера Бендевска, уредничка во „Арс Ламина“.

Според писателот Шопов, манирот на делото „Насон прочитана книга“ е онирична авантура.

– Структурно, романот е конципиран како книга во книга. Нараторот, инаку љубопитен за тајната на сонот како феномен, сонува дека се наоѓа во некоја библиотека и дека посегнува по книга со наслов „Деца на Луната“, од некој анонимен адепт од 19 век. Она што го насетуваме како смисла во приказната на анонимниот автор е дека човековиот дух има способности времето и просторот да ги збере во една точка, да прими информации од кои било време и простор, да доживее севременост, да искуси безвременост, истакнал Шопов.

Соња Манџук е родена во Скопје. Добитничка е на првата награда за расказот „Затвори го добро фрижидерот“, на конкурсот на „Студентски збор“, во 1992 година, и е колумнист во интернет-порталот „Слободен свет“

Наградата се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Ракописите што биле оценети позитивно исто така ќе добијат можност да бидат објавени од издавачот „Арс Ламина“. Во најтесниот избор на конкурсот влегоа и романите: „Курвински хроники“ од Александар Русјаков, „Скриени желби, немирни животи“ од Владимир Јанковски, „Денот кога не се разбудив“ од Моџо Килингтон, „Бричење петли“ од Владо Димовски и „Егеец“ од Владимир Плавевски.

„Победничкиот роман „Насон прочитана книга“ ќе биде промовиран на посебна свеченост до крајот на годината“, изјави Бендевска. 

Коментирај