Вести

Научници најдоа вакцина против алергија на мачки

12. август 2019 - 17:48 | А.С.

Ако сакате мачки, но поради алергија не можете да бидете во нивна близина, наскоро ќе може да уживате со вашето омилено животно, благодарение на најновата вакцина што ја открија научниците.

Луѓето дијагностицирани со алергија на мачки всушност се алергични на протеинот Fel-d1 што се наоѓа во крзното на овие животни. Овој протеин се закачува на првутот на мачките и потоа се шири во просторот во кој мачката живее или престојува.

Кога протеинот Fel-d1 ќе влезе во организмот на лицето кое е алергично, доаѓа до засилено лачење на хистамин, што предизвикува црвенило на очите, кивање и отежнато дишење. Ова е особено опасно за луѓе кои исто така боледуваат од астма или некој друг облик на болести на дишните патишта.

Вакцината наречена HypoCat е решение за сите луѓе кои го имаат овој проблем. Научниците од Универзитетската болница во Цирих, Швајцарија работеа на оваа вакцина подолго од десет години и истакнуваат дека досегашните истражувања и експерименти покажале дека делува.

Вакцината HypoCat се вбризгува во мачките, го зајакнува нивниот имунолошки систем и на тој начин помага да се елиминира протеинот Fel-d1 од нивниот организам, стои во извештајот објавен во Journal of Allergy and Clinical Immunology.

Вакцината уште не е достапна за комерцијална употреба.

Коментирај