Наука

Научниците предупредуваат: Стотици милиони ќе се иселат поради климатските промени

26. август 2019 - 16:12 | МИА
Њујорк, 26 август 2019 (МИА) – Меѓународната организација за миграции при ОН предупредува дека поради последиците од суши, поплави, пожари и глад, поврзани со климатските промени, меѓу 25 милиони до милијарда луѓе до 2050 година ќе бидат принудени да ги напуштат домовите.

Според научната студија објавена во списанието Science најверојатно тоа ќе биде случај со околу 200 милиони луѓе.

Група меѓународни научници сметаат дека за да се избегне сценарио на хаотично масовно бегство со кое ќе се казнат сиромашните во светот, треба навреме да се почне со планирање на неизбежното „повлекување“ од крајбрежните градови.

„Соочени со глобалното затоплување, зголемување на нивото на морињата и климатските екстреми кои покажуваат тенденција на засилување, веќе не го ни поставуваме прашањето дали некои заедници ќе мора да се повлечат од крајбрежјето за да се спасат и за да избегнат материјална штета, туку зошто, каде, кога и како ќе се реализира повлекувањето“, тврдат авторите на трудот.

Тие веруваат дека повлекувањето од крајбрежните подрачја би можело да претставува поволност за ревитализација на заедниците и прераспределба на богатствата на поодржлив начин. Тоа би можела да биде и можност да се субвенционираат нови училишта, болници и да се осигура поволно сместување во безбедните региони во внатрешноста, наместо преземање задоцнети чекори во ризични подрачја, како што се изградба на скапи заштитни ѕидови во близина на морето за да се заштитат градовите кои и претходно биле пустошени од силни бури. 

Коментирај