Наука
„Ултралесна метална микрорешетка“

Научниците создадоа најлесен материјал на светот

21. ноември 2011 - 9:41 |

За сите кои се прашуваат колку е лесен, доволно е да кажеме дека материјалот е лесен до толку што може да се постави на глуварче без да ја наруши структурата на ова растение.

Материјалот наречен „Ултралесна метална микрорешетка“ е изум на научниците од калифорнискиот Универзитет UC Irvine и компанијата HRL Laboratories. Новиот материјал е 100 пати полесен од стиропорот, а тајната на неговата мала тежина е во неговата градба која е создадена од шупливи цевчиња кои ја поддржуваат структурата на материјалот која во реалност е 99,99% воздух - вели истражувачкиот тим кој го има создадено, во новиот број на магазинот Science.

„Трикот е во изработката на решетката од поврзани шупливи цевчиња со дебелина 1.000 пати потенка од човечката коса“, вели авторот на истражувањето Тобиас Шандлер од HRL Laboratories за Los Angeles Times.

Ова значи дека густината на материјалот е помала од илјадити дел од густината на водата. Материјалот е прилично еластичен, па истражувачите велат дека кога е сплескан на половина од својата висина, се враќа на 98% од претходната форма.

Истражувачите гледаат примена на материјалот во апсорпција на удари, во авионската индустрија, за звучна изолација, а можеби и за батерии.

Микромрежата претставена на фотографијата е изработена од 90% никел. Кога ќе се фрли, материјалот се однесува како пердув и лебдејќи паѓа на тлото. Кога ќе се пушти од висината на рамената, потребни се 10 секунди за да падне.

 

Коментирај