Хироши Ишигуро, виш истражувач во јапонската ATR лабораторија за интелигентна роботика и комуникација, создаде робот кој изгледа и се движи како него.

Создаден за да го замени како професор на Универзитетот во Осака, овој робот-близнак познат како Geminoid HI-1 дури го поседува и уникатниот карактер на неговиот сопственик. Седи и тапка со нозете, а може и да седи на стол гледајќи наоколу по собата. Рамената му се подигаат како навистина да дише. Изработен е од силиконско одело направено по телото на Ишигуро.
Далечинското управување достигнува нови граници, па креаторот сега може да зборува преку роботот праќајќи го гласот со помош на сензори на своите усни од дома, на еден час возење со автомобил оддалеченост од универзитетот. Ишигуро се труди преку роботот да го наметне чувството на присутност, во Јапонија познато како sonzai-kan. Токму оваа нематеријална карактеристика го чини Geminoid HI-1 помалку „страшен“.
„Основната идеја е постигнување на теле-интеракција. Ако до андроидот пристапувам со помош на интернетот, не морам повеќе да одам до ATR лабораториите. Сакам да проверам колку моите студенти или мојата фамилија може да го почувствуваат моето присуство преку Geminoid-от. Кога би можел да имам по еден робот на универзитетот и еден во ATR, би можел да ги обавувам сите задолженија од некое летувалиште“, се шегува Ишигуро.