Кошарка

НБА: Тежок пораз за Рокетс, Ентони се посрамоти на враќањето во Оклахома

9. ноември 2018 - 9:09 | К.З.

Кармело Ентони ја доби шансата да се врати во Оклахома за првпат откако летово беше трејдуван од тимот на Тандер и заврши во Хјустон Рокетс. Синоќешниот натпревар беше кошмарен за поранешниот Ол Стар играч, а неговиот тим загуби на гостувањето кај ривалот од Западната конференција.

Тимот на Оклахома Сити Тандер играше без Расел Вестбрук, но сепак успеа да дојде до победа од 98:80 против Хјустон Рокетс.

Поради отсуството на Расел Вестбрук, лидерската улога во тимот ја презема Пол Џорџ и притоа одигра одличен натпревар во кој забележа 20 поени, 11 скока и 6 асистенции. Тој доби солидна поддршка од останатите стартери бидејќи сите од нив постигнаа двоцифрен број поени, а Стивен Адамс го заврши мечот со дабл-дабл учинок од 19 поени и 10 скока.

Сепак, главната приказна на вечерта беше настапот на Кармело Ентони, кој минатата сезона ја помина играјќи за Оклахома Сити Тандер. Тој се врати во арената во Оклахома и за разлика од минатата сезона, овојпат навистина им донесе насмевки на лицата на домашните навивачи. Популарниот Мело мечот го заврши со само 2 поени и 5 скока и шутираше 1/11 од поле, со што ги повика неговите гласни критичари повторно да се активираат.

Останати резултати:

Феникс Санс – Бостон Селтикс 109:116

Портланд Трејл Блејзерс – Лос Анџелес Клиперс 116:105

Голден Стејт Вориорс – Милвоки Бакс 111:134

Коментирај