Книги
Седум години подоцна...

„Небезбедни куќи“ – Семејството Арчер е повторно во неволја

27. март 2015 - 12:45 | Маја Танушоска

„Не знам од каде сум ја добил идејата дека, ако еднаш си поминал низ мрачен период, откако си се соочил со најлошите можни демони и си ги победил, сè ќе биде в ред“ – на овој начин Тери Арчер започнува да ги раскажува настаните што следат седум години откако тој и неговото семејство преживеаја вистински кошмар.

Авторот Линвуд Баркли во 2008 година ја издаде книгата „Без збогување“ во која дејството го постави врз ликот на Синтија Арчер и нејзиното семејство. Во оваа книга Синтија се обиде да ја дознае вистината за нејзиното семејство кое исчезнало преку ноќ. Таа, нејзиниот сопруг Тери и ќеркичката Грејс преживеаја вистинска голгота трагајќи по вистината, но седум години подоцна преку дејството во „Небезбедни куќи“ (кај нас во издание на Матица) читателот открива дека семејството Арчер повторно се наоѓа во проблеми и истото ќе се најде во центарот на настаните на една необична криминална приказна.

Семејството Арчер по преживеаната бура се наоѓа во криза - Синтија е премногу заштитнички настроена кон ќерката Грејс која се наоѓа во бунтовничка фаза, додека пак Тери неуспешно се обидува да ги смири работите помеѓу нив. На сето тоа се надоврзува и еден непријатен тек на настани, кои ќе доведат до тоа семејството Арчер повторно да комуницира со криминалецот Винс, кој беше присутен и во „Без збогување“.

Насилствата во „Небезбедни куќи“ започнуваат со убиството на еден постар брачен пар. Полицијата не може да го открие мотивот зад ладнокрвното убиство на парот, но тоа е само почетокот на непријатните настани во мирното соседство. Убиствата ќе започнат да се нижат, но главната главоболка на семејството Арчер е евентуалната вмешаност на нивната ќерка во еден необичен инцидент, преку кој всушност ќе бидат втурнати во нова бркотница со криминалци.

Предноста на „Небезбедни куќи“ е тоа што можете да ја читате без да ги знаете настаните од „Без збогување“. Баркли се потрудил накратко да го воведе читателот во дејството од пред седум години, кое тука е речиси безначајно, затоа што има сосема нова приказна чие дејство не е тесно врзано со она од првата книга.

Баркли инаку, претходно има работено како новинар за Toronto Star. Отсекогаш сонувал да стане писател, но таа желба му се остварила малку подоцна во животот. Првите обиди не поминале баш најдобро кај издавачките куќи, но неговата работа му овозможила да го подобри своето пишување и на тој начин да се пробие како автор на бестселери.

Баркли последниве години воедно е еден од најпопуларните автори на трилери кај македонската читателска публика. Популарноста на „Без збогување“, „Кој тропа на прозорецот“ и „Страв од најлошото“ само навестува дека и оваа книга ќе се продаде во голем тираж. Доколку сте прочитале нешто од Баркли и ви се допаѓа неговиот стил на пишување тогаш „Небезбедни куќи“ со сигурност ќе ви се допадне. Овој автор умее да го заинтерсира читателот, нудејќи интересен расплет во кој не можете сосема да предвидите кој е виновникот и каква приказна се крие зад текот на настаните. Во неговите книги секогаш е присутен елементот на изненадување и воедно со секое ново поглавје успева да ви го задржи вниманието. Неговите книги се одлична основа за филмско сценарио.

Во продолжение можете да погледнете видео во кое тој зборува за двете книги.

Loading the player...

Коментирај