Во 1 часот и 15 минути по полноќ, на 18 април, 1955 година, почина Алберт Ајнштај, големиот теоретски физичар, на 76 години.
Пред да почине промрморил неколку зборови на родниот, германски јазик, но негувателката која се грижела за него и во тој момент била покрај него, знаела само англиски, па последните зборови на големиот гениј засекогаш ќе останат мистерија.
Она што го знаеме, покрај неговите научни достигнувања, се неговите мудри и моќни ставови за светот и животот. Иако неговите последни изговорени зборови никогаш нема да ни бидат познати, ги имаме неговите последни напишани зборови.
Непосредно пред неговата смрт, професорот на универзитетот Принстон пишувал говор што требало да го одржи на свеченост во Њујорк по повод годишнината од државноста на Израел.
Недовршениот говор, што во ракопис бил најден покрај неговиот кревет, денес се наоѓа во Архивот на Алберт Ајнштајн во Хебрејскиот уверзитет на Ерусалим. Со него, Ајнштајн сакал да се осврне на потребата од мир во светот.
„Ниту еден државник на одговорна функција не се осмелил да тргне по единствениот пат што дава некакво ветување за мир. Еден државник да тргне по таков пат би било еднакво на политичко самоубиство. Политичките страсти, откако ќе се разгорат, ги земаат своите жртви“, напишал Ајнштајн во неговиот последен, недовршен говор што треба да го слушне секој лидер на денешницата пред да донесе одлука од која зависат не само денешните, ами и идните генерации.