Македонија

Нема најава за нова средба Заев-Мицкоски за законот за јавно обвинителство

12. септември 2019 - 8:21 | МИА
Скопје, 12 септември 2019 (МИА) – Отворени за нови разговори, но без најави за повлекување од веќе утврдените ставови за новото јавно обвинителство во кое треба да биде инкорпорирано специјалното јавно обвинителство, беа вчера премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по седумчасовната неуспешна средба во вторникот. Двајцата на одвоени прес-конференции меѓусебно се обвинуваа за заштита на криминал и амнестијата, изнесувајќи ги своите видувања и позиции. Најава за нова средба засега нема.

Разрешувањето на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е во притвор и обвинета во „Рекет“, мора да се случи до 15 септември, а тоа се врзува и со носењето на нов закон за јавно обвинителство.

СЈО вчера претпладне го доби дописот, што до нив го испрати државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за префрлање на предметите. Како што потврдија за МИА од Специјалното обвинителство дописот пристигнал на нивна адреса, а тие утре ќе излезат со соопштение за натамошните чекори.
 
Јовески во изјава за МИА рече дека Обвинителството е подготвено и има капацитет да постапува по сите кривично правни предмети од СЈО и оти се надева дека процесот ќе тече брзо.
 

Груевизам до доцна во ноќта, барање против секоја логика, против правдата, против ЕУ и НАТО, против граѓаните, вредностите, стандардите и принципите, вака Заев го оцени исходот од лидерската средба и единствениот услов, кој, како што рече, го поставил Мицкоски.

-Разочаран сум од исходот на лидерската средба и од однесувањето на Мицкоски и ВМРО – ДПМНЕ. Имав некоја надеж дека е можно да ја сменат матрицата и да излезат од заложништвото на своите претходници. Но, за жал, тоа не се случи. Колку и да бидеме ние попусливи и копромисни во преговорите, на крајот, секојпат, постојано, кај Мицкоски сé се сведува на едно барање – амнестија или уништување, запирање и крај на случаите од претходниот режим. Се обидовме сé, да излеземе во пресрет на секое разумно барање или услови кои беа поставени, се потрудивме да гледаме низ очите на опозицијата, но се соочивме со невозможно барање – предметите на СЈО да дојдат под нивна контрола, на ВМРО – ДПМНЕ, со закон да се запечати судбината и да запрат сите предистраги и истраги, криминалот да го заташкаме. Тоа не смееме да го дозволиме, таа црвена линија не смееме да ја поминеме, рече Заев, додавајќи дека  правда и правна држава мора да има и ќе има, нема компромис околу овие прашања.

Тој нагласи дека предметите од СЈО ќе продолжат да се процесуираат, но во суд, надвор од какво било политичко влијание, далеку од рацете на политичарите. Решението, пак, во однос на законот за обвинителството и натаму, единствено може да се бара во разговори со опозицијата.

-Сe додека постојат шанси, треба да се остават отворени вратите за разговори. Во оваа прилика сакам и да апелирам, во пресрет на одлуката за добивање датум за преговори, опозицијата да увиди колку е важно да покажеме дека можеме да ги ставиме државните интереси над партиските. За кој било друг исход, освен добивање датум за преговори по сите напори, јасно е дека единствени виновници ќе бидат лидерот на ВМРО – ДПМНЕ и ВМРО – ДПМНЕ како партија. Таа одговорност ќе мора да ја прифатат, подвлече премиерот.

Власта, информира Заев, на лидерската предложила новото обвинителство да биде на исто ниво со обвинителството за организирал криминал и корупција. Дала, како што истакна, креативни решенија и предлози, можност опозицијата да се чувствува вградена во процесот и да верува во него. Но, на ВМРО-ДПМНЕ и било важно само да ги преземе предметите од СЈО, тие да дојдат во обвинителството чиј шеф ќе биде на нејзин предлог. Тоа е апсолутно недозволиво, потенцира премиерот, зашто не постои начин некој да гарантира дека токму тој шеф во еден момент нема да одлучи да ги поништи, повлече или одложи сите тие предмети.

-Жал ми е што Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ живеат заробени од страна на нивното претходно раководство. Тоа е мој впечаток. Не успеаја да видат дека сега е моментот сите да покажеме дека сме за правда и за правна држава. Целосно спротивно на принципот на правдата, бараат сите предмети од 30 јуни 2017 година да ги преземе обвинител избран од нивна страна. Се знае, со цел потоа да се доведат до уништување, запирање, заташкување, анулирање, затворање, да не се прецизира во законското решение што со предметите кои се во истражна или предистражна фаза. Ние понудивме формирање ново обвинителство кое ќе гони висока корупција, во кое првиот обвинител ќе се бира на предлог на опозицијата, но нив не ги интерсира борба против корупцијата, ги интересира да го спасат режимскиот криминал, истакна Заев.

Осигуравме, дополни, и сите предмети да преминат кај државниот јавен обвинител, Јовевски, независно во која постапка се. Практично, правдата да одлучува, не политичарите.

-Предложивме и Обвинителството за организирал криминал и корупција да остане како што е, не ние политичарите да менуваме обвинители на сред или почеток на мандат, Заев и Мицкоски да управуваат со обвинителството. Ново беше да се формира тоа ново обвинителство, за гонење висока корупција, за да излеземе во пресрет на опозицијата, и да почне со истраги. Предлогот да дојде од опозицијата, да го бира Парламентот и на крај да го потврдува Советот на обвинители. Дававме право тоа обвинителство да биде финансиски независно и поддржано, и предлогот да дојде од опозицијата. И, да почне да формира случаи од сега натаму, но и од 2013, 2017 година зависно кога застарува некое кривично дело, да го гони и градоначалникот Заев од 2015 година или друга фигура од сегашната и претходната власт, да отвора предмети, појасни премиерот.

Одговорајќи на новинарски прашања во врска со барањето на ВМРО – ДПМНЕ за смена на обвинителката Русковска, објасни дека поединци не смеат да бидат пречка за ниту едно системско решение.

-Русковска води важни, актуелни предмети, но не може да го смените обвинителот ако тоа му текне на Заев или Мицкоски. Истрагата треба да трае до крај. Со евентуална смена на Русковска ќе пратиме порака дека се плашиме да не дојде до нас. Не е на политичарите да кажуваат каде води „Рекет“ или која било друга истрага, наше е да обезбедиме независна истрага, а не да кажуваме дали „Рекет“ води до Заев или Мицкоски, рече Заев.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски го обвини премиерот Заев дека на средбата дошол со план за да не се постигне договор и за да ги заштити своите и криминалите на неговите соработници, но остави простор за продолжување на преговорите за законот за јавно обвинителство, на којашто точка и завршила неуспешно средбата.

Барањето на  Заев, како што рече, за амнестија за сите довело до тоа вчера да не успеат преговорите затоа што не прифатил новото обвинителство што го предлага власта да се занимава со корупција со сите предмети без оглед на времето на предметот и извршителот.

Премиерот Заев, според него, дал предлог од неколку точки и тоа формирање на јавно обвинителство за висока корупција, кое би било на исто ниво со обвинителството на Русковска, а обвинителот кој треба да го предводи ова обвинителство треба да биде на предлог на најголемата опозициска партија во случајов ВМРО-ДПМНЕ,  а во надлежностите што ќе ги има откако ќе ги преземе десетте помошници на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, да биде додадена и надлежноста за гонење на криминал на лица кои се избрани и именувани. Заев, според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, предложил и заштитна клаузула според којаво одреден временски период доколку власта не го прифати предлогот на опозицијата за лице кое што ќе го предводи ова обвинителство тогаш советот за јавни обвинители да избере обвинител од редот на овие десеттмина кои поминале од СЈО во новото обвинителство за гонење на висока корупција.

Според Мицкоски, власта ќе биде мотивирана никогаш да не го прифати предлогот на опозицијата.

-Практично понудата на Заев беше ново СЈО водено од страна на еден од десеттемина помошници на Катица Јанева како офанзивна алатка, обвинителство што ќе го води Русковска како дефанзивна алатка и сето тоа управувано и раководено од Јовевски, рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ, како што изнесе на прес-конференцијата се согласила да постои јавно обвинителство за гонење на висока корупција, опозицијата да предложи обвинител, со додадените надлежности кои се однесуваат на гонење на криминал на лица кои се избрани и именувани. Но, вели Мицкоски, доколку сакаме договор мора да се почитува законот за СЈО, а тоа е дека по престанокот на мандатот на специјалната јавна обвинителка, престанува и мандатот на нејзините помошници и тие се враќаат во матичните обвинителства од каде што дошле.

-Ниту во еден момент Јовевски и според постојниот закон не го спречува откако ќе ги преземе предметите од СЈО не го спречува истите да ги прераспредели на истите обвинители кои што ќе се вратат во матичните обвинителства, вели Мицкоски потенцирајќи дека тимот на новиот обвинител треба да го определи Советот на јавни обвинители, а не тој и Заев со закон.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на негово прашање Заев рекол дека случајот „Рекет“ во кој е осомничена и специјалната јавна обвинителка која е избрано лице ќе остане кај постојната обвинителка. Зошто тогаш, праша Мицкоски, договараме надлежности за гонење на корупција на избрани и именувани лица.

-Но јас го знам мотивот и причината зошто е тоа така, затоа што постои основано соменвање за „Рекет 2“, за „Рекет 3“, за „Рекет 4“, за „Рекет 5“, но и за други кривични дела кои што оваа власт веќе трета година и ги прави и затоа им е потребна Русковска, за да направи аменстија и да го заштити Заев и СДСМ од одговорност за сторениот криминал. На кратко ова беше сценариото на вчерашната средба, рече Мицкоски.

Заев, според него, го одбил нивниот предлог новиот обвинител да се занимава со избрани и именувани лица, без разлика кога тој криминал е сторен и без разлика дали се оснедува за сторен криминал на лица кои се избрани или именувани од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса, Беса… Мицкоски, рече дека, синоќешната средба не била успешна бидејќи Заев барал амнестија за сите.

-Ако Зоран Заев го прифатеше новото обвинителство кое што практично ќе го раководи предлог на најголемата опозициска партија, се позанимава со корупцијата на сите именувани изборни лица без разлика од која партија доаѓаат, без разлика на времето кога го сториле тој криминал, ние денеска ќе имавме договор. Зоран Заев рече не, од денеска па натаму ќе важи. Е тоа не може, рече Мицкоски.

Мицкоски како невистина ги оцени обвинувањата на премиерот и лидер на СДСМ Заев за него за случајот „Рекет“.

Во Скопје престојува правниот експерт од Европската комисија Рајнхард Прибе кој говорејќи на меѓународната научна конференција „Доброто владеење и владеењето на правото од перспектива на ЕУ интеграциите“ истакна дека понекогаш се потребни промени во законодавството, а за тоа треба независни политичари кои ќе направат соодветни реформи.

-На таков начин правниот систем ќе може да воспостави независност. Без демократско управување, не може да постои ниту владеењето на правото, вели Прибе.

Коментирај