Netflix ги предупреди корисниците дека ќе ја зголеми цената на претплатата бидејќи очекува забавување на растот на претплатници во вториот квартал од годината.
Најпопуларната стриминг платформа имаше солидна продажба и добивка во првиот квартал од годината, вклучувајќи и 9,6 милиони нови претплатници.
Меѓутоа Netflix очекува тој раст да се забави во периодот од април до јуни.
Компанијата ќе ги поскапи услугите ширум САД, Бразил, Мексико и одредени делови на Европа за да го помогне финансирањето на производството на свои оригинални содржини.
Ерик Хагстром, аналитичар за проценки во eMarketer, вели дека приходите од поскапата претплата ќе му помогнат на Netflix да се издвои во сѐ погусто населената индустрија.
Netflix досега има произведено бројни серии и филмови, но откако беа најавени стриминг услугите на Disney и Apple, популарната платформа ќе се бори да ја задржи лидерската позиција на светскиот пазар.
Од Netflix велат дека се возбудени што ќе се борат со конкуренцијата, но дека не очекуваат дека „новите играчи“ ќе влијаат на растот на компанијата.