Рецензии

„Night at the Museum: Secret of the Tomb“ – Токму навреме за овој период од годината

3. јануари 2015 - 14:22 | Маја Танушоска

Со прикажувањето на „Night at the Museum: Secret of the Tomb“ се заокружува франшизата која започна во 2006-та година. Последниот дел доби посебна емотивна нота бидејќи во него се појавуваат двајца актери кои починаа во 2014-та.

Во овој дел се појавува добар дел од старата екипа. Предводени од Бен Стилер, екипата актери меѓу кои се наоѓаат Робин Вилијамс, Рики Џервејс, Овен Вилсон, Стив Куган во третото продолжение добива и нови членови. Особено впечатлив е Ден Стивенс кој ја толкува улогата на Ланселот. Ден Стивенс пред некој месец го привлече вниманието на публиката преку улогата во „The Guest“ каде глуми убиец, но овде толкува комплетно поинаков лик. Стивенс кој ја напушти серијата „Downton Abbey“ за да направи кариера во Холивуд, веќе прави сигурни чекори во таа насока, a во пробивот особено помага тоа што прави различен избор на улоги кои ги одигрува на врвно ниво.

Во третиот дел, Лери Дејли и останатите од музејот се во потрага по спас, бидејќи таблетот кој овозможува да оживеат почнува да ја губи моќта. Дејли ќе замине во музејот во Лондон со цел да открие како може да ја врати моќта на таблетот. Доаѓањето во овој музеј ќе предизвика мал хаос, дружината ќе се соочи со нови препреки, а нив воедно ќе им се придружи Ланселот. Освен ликот на чуварот Лери Дејли, Стилер го толкува ликот и на праисторискиот човек Ла, кој за кратко време ќе стане приврзан со Лери.

Филмот покрај тоа што содржи хумор, се обидува да фрли светло и на семејните врски, фокусирајќи се на односот татко-син. Лери има мало недоразбирање со својот син околу неговата иднина, што низ текот на филмот претставува основа за подобро да се разберат еден со друг.

Бен Стилер неодамна се најде на листата најпреплатени актери на магазинот Forbes и според некои критичари ја губи смислата за добар хумор и изведбата на хумористични сцени. Во овој филм кој стана препознатлив по неговата улога има некои сегменти што се навистина добро изведени (на пример секоја сцена со мајмунчето Декстер е навистина забавна), а некои се просечни. Сцените помеѓу Лери Дејли и Ла треба да се забавни, но не се постигнува ефектот. Една од најдобрите идеи е вметнувањето на Хју Џекман во филмот, кој се глуми самиот себе и е пријатно изненадување како лик во ваков филм.

Секако, една од причините поради кои „Night at the Museum: Secret of the Tomb“ добива на уште поголемо значење е тоа што во него се појавуваат двајца актери кои починаа годинава, Мики Руни и Робин Вилијамс, кој ја толкува улогата на Теди Рузвелт. Никој не можел ниту да претпостави дека сцената со збогувањето помеѓу Бен Стилер и Робин Вилијамс ќе добие толку на значење, особено поради зборовите со кои Вилијамс му се обраќа на ликот што го толкува Бен Стилер. За време на промоцијата на филмот, сите актери кои учествуваа во оваа франшиза не можеа да најдат доволно зборови за тоа колкаво влијание имал врз нив Вилијамс и колку позитивен дух внел на сетот на снимањето.

„Тој беше неверојатен. Гениј“ -  вели Стилер, кој истакна дека Вилијамс бил љубезен кон сите кои работеле на проектот.

Филмот има недостатоци, но дефинитивно е еден од оние кои се совршени за овој период од годината – ова се оние семејни, топли филмови кои можете да ги проследите со најмладите од семејството и подеднакво да уживате во нив. Ако ништо друго, тогаш мајмунчето Декстер, неколкуте хумористични сцени со чуварката Тили (Ребел Вилсон) и емотивните сцени се доволно добра провокација за да го погледнете. Дали третиот дел претставува соодветно збогување со франшизата? Заклучокот е дека ова можеле да го изведат многу подобро одошто излегло, но на крајот на краиштата ова и не е тип на филм на кој можете да му судите премногу строго.

Loading the player...

Коментирај