Кошарка

Новата сала во Аеродром во финална фаза

14. јули 2014 - 17:00 | Макфакс

Спортскиот центар Јане Сандански и Хотелот Русија по само една година градежни активности влегува во финална фаза, соопштија во понеделникот официјалните лица на новата сала и на хотелот.

Во изградбата на спортскиот центар активно биле вклучени повеќе од 20 македонски фирми, и беа ангажирани повеќе од 1.000 работници.

„Спортскиот центар Јане Сандански ќе претставува модерен мултифункционален објект кој ќе ги задоволува сите меѓународни стандарди, и истиот влегува во финалната фаза. Како што и претходно беше најавено овој спортски центар  ќе има голема сала која ќе собира 5.000 гледачи со шест ВИП зони, помала спортска сала со ракометни димензии, со капацитет за 250 гледачи, најмодерен фитнес и аеробик центар, конференциска сала, како и СПА центар кој биде готов кон крајот на оваа година. Оваа сала ќе претставува репрезентативен објект во кој машкиот и женскиот ракометен клуб Вардар, како и кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром, ќе настапуваат во регионот и Европа “ – изјави генералниот менаџер на СЦ Јане Сандански, Надица Димовска.

Во склоп на спортскиот центар во употреба ќе биде пуштен и хотел Русија. Хотелот претставува модерна архитектура инспирирана од богата руска историја ќе има 61 соба, од кои 28 еднокреветни соби, 12 двокреветни соби, 6 супериор соби, како и еден претседателски апартман. Ваквата категоризација и поделеност на хотелот ќе ги задоволи сите светски стандарди.

“Презадоволна сум од тоа како се движаат работите на објектот и што по не цела година работа, успеавме да го донесеме во финална фаза. Направивме се што е во наша моќ за идните гости и посетители да се чуствуваат угодно, добредојдено и да понесат со себе пријатно искуство кое ќе ги врати во повторна наша посета. Хотел Русија, располага со 7 ката сместувачки капацитет и 3 нивоа со содржини како:  ресторан со уникатен пристап кон подготвуваната храна, професионална фитнес и аеробик понуда, СПА центар со базен - за релаксација, тениски терени, како и многу други услуги и организирани активности, за индивидуалци и групни посети. На кусо кажано, се за неизбежно задоволство на нашите гости. Она кое не прави различни и единствени во областа, а на кое сме особено горди, е комплетната понуда, за задоволување на потребите и желбите, на современиот посетител” – изјави генералниот менаџер на хотелот Дина Муцунска.

Генералниот менаџер на спорскиот центар Јане Сандански, како и генералниот менаџер на хотел Русија доаѓаат од населбата Аеродром, и беа одбрани по пат на јавен конкурс, каде ги исполнија сите услови предвидени во огласот.

Коментирај