Авто новости

Нови детали за претстојниот Civic Type R

5. јануари 2017 - 11:52 | Д.П.

Honda е во финална фаза од развојот на новиот Civic Type R, а сега се појавија и нови детали за моќниот јапонски автомобил кој претендира на врвот од класата во која припаѓа.

Според последните информации што стигнуваат од компанијата, новиот Civic Type R ќе има многу пониско тежиште во споредба со стандардната верзија и ќе се нуди само со погон на предната оска. Тоа значи дека шпекулациите за погон на сите четири тркала како кај Ford Focus RS не се точни.

Меѓу интересните информации е и тоа дека Civic Type R, покрај со мануелен, ќе се нуди со посебно прилагоден CVT менувач (Continuously Variable Transmission), а автоматскиот менувач со две спојки воопшто не е во план.

Компанијата ги потврди и претходните информации дека новиот Civic Type R ќе има 2.0 литарски турбо бензински мотор кој ќе располага со повеќе од 320 коњски сили и ќе испорачува повеќе од 400 Nm максимален вртежен момент.

Јапонската компанија нагласува дека серискиот модел кој наскоро треба да се појави во продажните салони низ светот, ќе биде многу сличен со концептот кој беше претставен на автомобилскиот саем во Париз. Сепак, компанијата се уште не објавува официјални фотографии од внатрешноста на автомобилот.

Коментирај