Бизнис

Нови рокови за увоз на половни автомобили

7. септември 2014 - 17:36 | Макфакс
Во текот на јули и август биле правени процени на остварување на целите од владината мерката за увоз на автомобили, при што е заклучено дека е постигнат социјалниот карактер на мерката и позитивно е унапреден и обновен возниот парк во земјата. 
 
 
Поради дополнително унапредување на животната средина, Владата одлучи да се скратат роковите за можност за увоз на автомобили кои беа важечки претходно, а со кои се овозможуваше увоз на половни автомобили со стандард на моторите ЕУРО 2 и ЕУРО 3, соопшти во неделата на прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
 
Со новите одлуки и измената на правилникот во Министерството за економија кој ја регулира оваа дејност и кој е стапен во сила, се воспостави можност увозот на автомобилите со ЕУРО 2 стандард да може да се врши најдоцна до 31-ви декември 2014 година (стартиот рок беше до наместо до февруари 2016 година) и во кој би се завршиле оние постапки за увоз на ваков вид автомобили кои се веќе започнати.
 
Возилата со ЕУРО 3 стандард на моторот ќе може да се увезуваат најдоцна до 30-ти јуни 2015 година, а од 1-ви јули 2015 година увозот на автомобили ќе биде можен само доколку истите ја исполнуваат минималната норма ЕУРО 4 стандард на моторот.
 
Според владиниот портпарол, целта е на овој начин и со оваа динамика постепено, но и во побрз рок, да дојде до повторна обнова на возниот парк на повисоко ниво, како што тоа се случи кога во минатото со претходните одлуки се изврши трансформација и замена на возилата кои беа без стандард, или со ЕУРО 0 или ЕУРО 1 стандард на моторите, со понови возила со ЕУРО 2 И ЕУРО 3 стандард на моторите.
 
Владата, рече Ѓорѓиев, исто така, донела мерка која се однесува и на повластениот увоз кој важеше во неколку наврати и за автобусите и минибусите и таа исто како и кај автомобилите, е забележани се позитивни ефекти. Притоа прецизираше дека процентот на автобуси без ЕУРО стандард паднал од околу 45 отсто на околу 15 проценти, процентот на автобуси со ЕУРО 0 стандард паднал на 5,5 отсто, кај автобусите со ЕУРО 1 стандард изнесува 6,5, а процентот на автобуси со ЕУРО 2 стандард пораснал од претходните околу 20 на сегашни околу 55 отсот, односно пораснал од 77 на 274 возила. Процентот, пак, на автобуси со ЕУРО 3 стандард изнесува 13 отсто, односно бројот на возила пораснал за околу 20, кај автобуси со ЕУРО 4 стандард изнесува 3 отсто а процентот автобуси ЕУРО 5 стандард е 1 отсто.
 
Изрази задоволство дека показателите укажале дека владината мерка за овозможување повластен увоз на автомобили од странство од страна на граѓаните била во голема мера искористена и квалитативно е обновен нивниот приватен возен парк, со далеку поеколошки мотори, а тоа, како што посочи Ѓорѓиев, придонесува за намалување на загадувањето, како и за поголема безбедност во сообраќајот.

Коментирај