Фудбал
СЕРИЈА А 2019/20

Новинар доби отказ поради коментарот: „Дајте му 10 банани на Лукаку“

16. септември 2019 - 14:18 | Ф.З.

Искусен италијански новинар доби отказ откако јавно во една емисија рече дека за да се сопре Ромелу Лукаку треба да му се дадат 10 банани.

За време на една емисија на ТВ каналот Top Calcio 24 италијанскиот новинар Лучано Пасирани фрли масло на огнот кога е прашање расизмот на Апенинскиот Полуостров.

„Во моментов во Италија не гледам ниту еден играч како Лукаку. Тој навистина ми се допаѓа“, Пасирани всушност му даваше комплименти на белгискиот репрезентативец со потекло од Конго ДР.

Но потоа претера: „Ако бидете еден на еден со него тој ќе ве убие. Единствениот начин да го сопрете е можеби да му дадете 10 банани да јаде“.

Директорот на телевизијата, Фабио Равецани, потврди дека искусниот новинар нема повеќе да се појавува по нивните емисии бидејќи му бил врачен отказ.

Неодамна токму Лукаку беше цел на расистични напади кога Интер гостуваше кај Каљари во второто коло. Белгиецот преку Instagram упатуваше апели за борба со расизмот, а сега ова...

Коментирај