Авто новости

Новиот ривал на Tesla: Електричниот BMW i4 пристигнува во 2021 година

18. октомври 2018 - 14:19 | К.З.

Во март оваа година за време на Саемот на автомобили во Женева BMW потврди дека ќе почне со сериско производство на концептот Vision Dynamics, кој ќе биде електричен брат на Series 4 Gran Coupe.

Според новиот извештај на магазинот AutoExpress, продукциската верзија на концептот ќе се претвори во електричниот модел i4 во 2021 година, кога ќе дебитира и ќе ја пополни празнината помеѓу моделите i3 и i8.

BMW потврди дека овој модел ќе се произведува во Германија, поточно во Минхен. На Саемот на автомобили во Париз кој се одржа овој месец говореше шефот на BMW, Хералд Кругер, а тема на разговор беа електричните модели. Тој потврди дека i4 ќе се појави набрзо откако на пазарот ќе пристигнат електричните кросовери iX3 и iNEXT.

„Веќе имаме 300.000 електрични возила и хибриди на улиците а уште многу од нив пристигнуваат во наредните години. Најпрво ќе биде претставен Mini Electric, а веднаш по него и BMW iX3. Потоа во 2021 година пристигнуваат BMW iNEXT, како и i4, така што до крајот на оваа година ќе имаме пет нови електрични автомобили“, изјави Кругер.

Моделот i4 ќе биде базиран на платформата CLAR која BMW ја дизајнираше за бензинските, дизелски, хибридни и електрични возила, а i4 ќе биде дел од понудата Series 4 Gran Coupe и ќе се одликува со конвенционален дизајн.

BMW i4 ќе биде ривал на Tesla Model 3 и Model S кога се работи за дометот на патување. Компанијата планира од него да направи елегантен автомобил со четири врати кој со едно полнење може да помине преку 600 километри.

Коментирај