Свет

Обама: Да можев да се кандидирав ќе добиев и трет мандат

26. декември 2016 - 18:37 | Макфакс

Американскиот претседател на заминување, Барак Обама кој на 20 јануари треба да ја напушти должноста и да му ја предаде на избраниот претседател Доналд Трамп, изјави дека е убеден оти би го освоил и третиот мандат доколку системот би му овозможил повторно да се кандидира.

Барак Обама ги отфрла обвинувањата дека неговата визија „на прогресивни промени“ за САД била сон.

„Убеден сум во таа визија, бидејќи сум сигурен дека би го мобилизирал мнозинството Американци да се соединат околу тој сон доколку можев да се кандидирам и да можев да го објаснам“, вели Обама.

„Тоа го знам од разговорите што ги имав со луѓе ширум земјата, дури и со неколку луѓе кои не се согласуваат со мене. Тие велат дека насоката на визијата на којашто укажував е вистинската“, додава Обама.

Според американскиот устав, претседателот може да биде на таа должноста само два четиригодишни мандата.

Обама вели дека е горд поради напредокот што го постигнал за време на неговите два мандата во Белата куќа, благодарејќи на „американскиот дух“, особено забележлив меѓу помладите генерации.

Вели дека неговата поранешна државна секретарка Хилари Клинтон, која беше претседателска кандидатка на нивната Демократска партија „направи одлична работа во тешки околности“, но оти не добила добар однос од страна на медиумите.

„Сметам дека во односот кон неа дејствуваа двојните стандарди“, додава.

Потсетува дека добила повеќе гласови од републиканецот Трамп, како и дека „распределбата на гласовите“ не одела во прилог на демократите. Обама вели и дека „во ветер“ отишле и околу милион гласови во Бруклин.

Запрашан за иднината, Обама вели дека првин мора да се одмори, да ја одведе сопругата на одмор, како и дека има желба да пишува.

Коментирај