Хроника

Обвинет во „Монструм": Никогаш не сум бил на Железарските езера

9. јануари 2013 - 14:00 | Макфакс

„Никогаш не сум бил на Железарските езера и не сум учествувал во петкратното убиство“, изјави Агим Исмаиловиќ, обвинет во случајот „Монструм", кој се товари дека е еден од извршителите на петкратното убиство кај Смилковското езеро во април минатата година.

На продолжението од судскиот процес тој ги отфрли наводите во обвинението и рече дека не е точно она што го изјавил заштитениот сведок и еден од обвинетите, Хаки Азири. На кобниот ден бил четири до пет пати на „поклонување" во џамијата во Сингелиќ, бил зафатен со изработка на канализација во неговата куќа, а околу 18:30/19:00 часот бил на работа ноќна смена во интернет-кафе во Сингелиќ. Со ова интернет-кафе работеле неговиот брат Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, кои моментално се во бегство.

„Покрај Железарските езера сме поминувале кога сме оделе за на гробишта, но никогаш не сум бил на овие езера", рече Исмаиловиќ. За неговиот брат Африм вели дека не знае каде е и дека не го видел од крајот на април. Ниту тој, ниту, пак, неговиот брат Африм никогаш не биле во Авганистан или друга арапска земја.

Фејзи Азири, кој е обвинет за организација и логистика на петкратното убиство, во детали опиша како го поминал 12-ти април, денот кога се случи убиството. Тој рече дека бил на неговата фарма во Белимбегово, во општина Илинден, каде се видел со министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, како и со градоначалникот на оваа општина, Жика Стојановски.

На оваа средба, на градоначалникот Стојановски му ветил дека ќе му даде и едно јагне за Велигденските празници. Остатокот од денот го минал на неговата фарма во близина на општината. Се сретнал со неколку пријатели и во 22:00 часот се вратил дома. Вели дека освен неговите внуци, Хаки Азири и Алил Демири, другите обвинети не ги познава.

Судењето е во тек. Обвинителството, судот и адвокатите му поставуваат прашања на обвинетиот Азири.

Според обвинението, шестмината обвинети се товарат за тероризам, освен Хаки Азири, кој се товари за помагање.

Како извршители на убиството се товарат Африм и Агим Исмаиловиќ и Алил Демири.

Коментирај