Култура

„Ослободување на Скопје” македонски кандидат за Оскар од неанглиско говорно подрачје

26. септември 2016 - 14:03 | И.М.

Друштвото на филмски работници, со мнозинство гласови, го избра филмот „Ослободување на Скопје” во режија на Раде и Данило Шербеџија, за македонски кандидат за Оскар од неанглиско говорно подрачје.

Жири комисијата на Друштвото е составена од Лабина Митевска-претседател на комисијата (продуцент/актер); Наум Доксевски (директор на фотографија); Дејан Дуковски (сценарист) ; Петар Богоевски (гафер); Роберт Јазаџиски (продуцент); Мето Јовановски (актер) и Игор Василев-Новоградска (композитор).

Филмот веќе се прикажува во киното Синеплекс, а својата официјална премиера ќе биде оддржана на 1Октомври (сабота) во киното Милениум, пишува Друштвото на филмски работници во своето соопштение.

„Ослободување на Скопје“ е прв режисерски филмски проект на Раде Шербеџија, што го направи заедно со синот Данило. Филмот е базиран познатиот драмски текст на Душан Јовановиќ. Со дејствие сместено во Втората Светска Војна, филмот ќе ја раскаже приказната низ очите на 11-годишниот Зоран, за страдањата и хоророт на луѓето што поминуваат низ војната. Додека неговиот татко е партизан што се бори против Германците, неговата мајка Лица започнува љубовна афера со германски офицер. Поминуваат годините, доаѓа денот на ослободувањето на Скопје. Тоа што останува да се запрашаме е како понатаму? Дали, општеството ќе ја казни Лица за тоа што го направи, и дали семејството ќе ја постигне некогашната хармонија?

Филмот е во македонско-хрватско-финска продукција, меѓу кои и македонските Кино-Око и Партисанс. Продуценти на филмот се Роберт Насков, Горјан Тозија, Владимир Анастасов и Игор Нола, а автор на музиката е Влатко Стефановски. Во главните улоги настапуваат 11-годишниот Давид Тодосовски, Силвија Стојановска, Раде Шербеџија, Луција Шербеџија, Небојша Глоговац, Мико Ноусаинен, Петар Мирчевски, Јани Вирман, Денис Абдула, Аксел Мехмед, Дејан Лилиќ и други. 

Loading the player...

 

Коментирај