Регион

Осомничениот ослободен од сомневањата за нападот во Истанбул

3. јануари 2017 - 20:28 | Макфакс

Државјанинот на Киргистан, 28-годишниот Лакхе Машрапов, кој бил приведен и испитан по враќањето од Турција поради можна поврзаност со нападот врз ноќниот клуб во Истанбул на новогодишната ноќ, ослободен е од сомневањата, објавија киргистанските медиуми.

Лакхе Машрапов се споменува во турските медиуми, кои се повикуваат на безбедносни извори, како можен осомничен во врска со нападот во клубот „Reinа“ во кој се убиени 39 луѓе, претежно странски туристи во текот на дочекот на Новата година.

„Државниот комитет за национална безбедност (ГКНБ) ја истражува можноста за вмешаноста на државјанина Киргистан во нападот во Истанбул. ГКНБ испрати барање во таа смисла на турските колеги. Службениците на ГКНБ го префрлија во регионалната канцеларија каде што е испитуван“, изјавил за медиумите портпаролот на киргистанската тајна служба.

Машрапов подоцна е пуштен на слобода и против него не е подигнато обвинение, објавија киргистанските медиуми повикувајќи се на ГКНБ.

Претходно во вторникот Машрапов во интервју за агенцијата АКИpress негираше дека е вмешан во нападот во Истанбул, а во вторникот отпатувал откако турската полиција кусо го испитувала бидејќи личел на мажот осомничен за нападот.

Киргистанското министерство за надворешни работи оцени дека „не е веројатно“ оти киргистански државјанин е вмешан во тој напад.

„Според прелиминарните податоци, таа информација не е веродостојна, но министерството сепак, прави натамошни проверки“, изјавил портпаролот на министерството.

Вечерва, според агенцијата Dogan, двајца странци чијашто националност не е објавена, се уапсени на меѓународниот истанбулски аеродром „Ататурк“ на влегувањето на меѓународниот терминал за заминување и одведени се на испитување.

Коментирај