Наука

Откриен нов орган одговорен за чувството на болка

17. август 2019 - 16:06 | Б.С.Б.

Шведски научници открија претходно непознат орган преку кој луѓето детектираат опасности од околината, а кој може да биде одговорен за одредени видови болка. Се наоѓа под горниот дел на кожата.

Станува збор за орган кој се состои од клетки кои се наоѓаат во близина на нервите, кои како октопод се обвиткуваат и влегуваат во нервните клетки за да ги одржат во живот. Претходно не беше познато дека учествуваат во чувството за болка. Структурата од клетки се наоѓа непосредно под површината на кожата.

Откритието е објавено во списанието Science. Научниците се изненадени од новото откритие бидејќи долго време веруваа дека завршетоците на нервните клетки во епидермисот се голи или немаат обвивка. Но, структурата формира единствена, заплеткана мрежа од блиските нервни клетки по целото тело, што ги наведува истражувачите да тврдат дека и официјално треба да биде именувана како орган.

„Нашето истражување покажува дека чувствителност на болка не се појавува само во кожните нерви туку и во овој неодамна откриен орган чувствителен на болка“, вели авторот на студијата Патрик Ернфорс. „Новиот орган е двоклеточен рецептор сочинет од нерв и Шванова клетка“, додава тој.

Ова откритие може да доведе до развој на нови лекови против болка.

Коментирај