Наука

Откриена црна дупка толку голема што не би ни требало да постои во нашата галаксија

28. ноември 2019 - 13:52 | Б.С.Б.

Кинески астрономи открија црна дупка во Млечниот Пат, која со својата величина ги доведува во прашање досегашните сознанија за развојот на ѕвездите.

LB-1 е оддалечена 15.000 светлосни години од Земјата и има маса 70 пати поголема од Сонцето, пишува Nature.

Се проценува дека Млечниот Пат содржи 100 милиони ѕвездени црни дупки, но LB-1 е двојно поголема од тоа што научниците сметаат дека е можно.

„Црни дупки со толкава маса не би требало ниту да постојат во нашата галаксија, според повеќето сегашни модели на еволуции на ѕвезди“, вели професорот Лиу Ѓифенг од Кинескиот национален астрономски опсерваториум.

Научниците сметаат дека постојат два вида црни дупки. Почести се ѕвездените дупки кои се до 20 пати поголеми од Сонцето. Супермасивните црни дупки се најмалку милион пати поголеми од Сонцето и нивното потекло е непознато.

Случајот со LB-1 покажува дека се работи за нов вид црна дупка која е создадена со други механизми. Дупката ја откри меѓународен тим научници со помош на кинескиот телескоп LAMOST.

Коментирај