Чек дис аут

Откриени остатоци од две стаклени градини во комплексот „Волчја дупка“ на Хитлер

15. ноември 2019 - 12:03 | МИА

Кентшин, 15 ноември 2019 (МИА) – Во некогашниот главен штаб на германскиот Источен фронт се откриени парк и застаклена градина што нацистичкиот водач Адолф Хитлер ги користел за одгледување овошје и зеленчук.

Полските историчари го истражувале озлогласениот бункер „Волчја дупка” (Wolfsschanze) што се наоѓа близу градот Кентшин (тогаш Растенбург), денешна североисточна Полска, па ги откриле темелите на куќарката за билки, две стаклени бавчи и подземна котларница која спроведувала вода и топол воздух за одгледување свежи плодови цела година.

Историчарот Јацек Адамски од Воениот музеј Мазуроландија, вели дека локацијата е на 800 метри од личен бункер на Адолф Хитлер.

– Знаевме дека бавчите се некаде во близина на „Волчјата дупка“. Како вегетаријанец и непушач, Хитлер имал такви градини во секое место каде што престојувал, па пред три години донесовме одлука за претрага, анализирајќи фотографии и архиви, како и разговорите со околните жители кои во Втората светска војна биле деца, изјави Адамски за порталот First News.

Жени биле присилно вработувани во градината и имале задача да ја пробуваат храната пред Хитлер, за да се утврди дека не е отровна.

На таа подземна локација, пронајдени се и ќерамика, порцелан, стакларија, потоа берберница, казино, па дури и кинопроектор и одморалиште. Скривалиштето е изградено 1940 година, при подготовките на нацистичка Германија за напад на СССР.

Хитлер минал две години во оваа база, планирајќи ја Операцијата Барбароса.

Местото е уништено на 20 јули 1944 година, кога Клаус фон Штауфенберг ја активирал бомбата пред конечниот пораз на нацистите.

Коментирај