Култура
Скопје - прв балкански град дел од проектот

Отворање и презентација на проектот citybooks Skopje

5. септември 2011 - 14:50 | М.Ш.

Проектот citybooks Skopje чија цел е да создаде културна врска помеѓу европските градови поврзувајќи ги во мултимедијална средина, ќе биде отворен и презентиран на 6-ти септември во 19 часот во ресторанот Менада.

Проектот опфаќа портрет на секој град-учесник обликуван преку расказите на пет домашни и странски писатели и визуелни записи на еден фотограф. Петте градски приказни од петмината автори ќе бидат споделени преку глобалната мрежа во печатен и аудио формат, додека фотографот ќе понуди своја, различна, визуелизација на градот преку изработка на 24 фотографии, како и снимање на 24 едноминутни видеа чија цел е да го илустрираат секој час од денот поминат во тој град.

Проектот citybooks е наследник на претходниот проект на холандско-белгиската фондација deBuren наречен radiobooks и е поддржан од страна на Европската комисија.

Помеѓу неколкуте европски градови, од неодамна учесник е и Скопје, засега како прв град од Балканот. За неговото претставување се погрижија Саскиа де Костер од Белгија, Абделкадер Бенали од Холандија, Гоце Смилевски, Никола Маџиров, Ирена Цветковиќ, Фросина Стојковска и Борјана Мојсовска.

Во Македонија, проектот ќе го реализира Македонскиот ПЕН Центар, со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Коментирај