Фудбал
СЕРИЈА А 2019/20

Пандев им се извини на навивачите за бламажата во Парма

21. октомври 2019 - 15:27 | Ф.З.

Неговата Џеноа синоќа беше понижена во Парма губејќи со 5:1, а Пандев првпат сезонава беше стартер и тоа како капитен.

Горан Пандев им се извини на навивачите на Џеноа за вчерашната бламажа која ја приреди неговиот тим. До 38-мата минута резултатот беше 0:0, Пандев имаше и шанса за гол, а потоа следуваше канонада. Нашиот најдобар играч беше заменет на полувреме откако Парма поведе со 3:0, но ни тоа не промени нешто.

„Мораме да им се извиниме на нашите навивачи, да се загуби на овој начин не е на арно. Ни фалеше сѐ и не можам да најдам начин да го објаснам тоа. Можеби ни недостасува смиреност и самодоверба. Мораме веднаш да го заборавиме овој натпревар и да се насочиме на следниот. Можеби е и карма во прашање: при 0:0 имавме убава шанса за гол. Мораме да работиме, да ја вратиме самодовербата и да одиме напред. Примањето три голови за пет минути ве пресекува: Парма дојде до предност и потоа ја почна својата игра, а на контри се смртоносни. Сите грешевме, не е крива само одбраната. Жал ни е за тренерот, преку недела работиме добро, но на терен не успеваме да го направиме она што тој го бара од нас“, изјави Пандев.

Неговиот тренер Аурелио Андреацоли е пред отказ бидејќи Џеноа сезонава од 8 натпревари има една победа, две ремија и 5 порази, а на табелата е претпоследна.

Коментирај