Регион

Павлопулос: Турција да ги признае злосторствата врз Ерменците и Грците

5. ноември 2019 - 18:41 | МИА

Ереван, 5 ноември 2019 (МИА) – Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос ја повика денеска Турција да ги признае „злосторствата на претходните режими“ врз Ерменците и Грците.

Павлопулос, по состанокот со ерменскиот претседател Армен Саркисјан во Ереван, истакна дека е во интерес на Турција, нарекувајќи ја пријател и сосед, а тоа ќе ја зајакне нејзината меѓународна положба, доколку испрати „храбар израз на извинување“ за злосторствата против човештвото, кои ги извршиле нејзините претходни лидери врз Ерменците и Грците.

Тој додаде дека Грција го поздравува фактот што значајно се шири меѓународното признание за „геноцид врз Ерменците“, кое неодамна кулминира кога е усвоена резолуција во Претставничкиот дом на САД.

Павлопулос нагласи дека неговата земја сака добри и пријателски односи со Турција и оти го поддржува нејзиното пристапување во ЕУ, но додаде дека тоа подразбира почитување на меѓународното право и европските закони.

Коментирај