Пет лица се приведени откако во белгискиот Институт за форензички вештачења во местото Недер-Овер-Хеембек ноќеска бил подметнат пожар, објави белгиското обвинителство.
Портпаролката на обвинителството, Ине Ван Вимерсх, изјави дека уапсените лица се приведени во близина на Националниот институт за криминологија и криминалистика и дека во моментов се спроведуваат сослушувања за да се утврди дали имале некаква улога во подметнувањето на пожарот.
На местото на настанот досега не е пронајдена експлозивна направа. Иследниците тргнуваат од претпоставката дека не станува збор за терористички напад, иако во овој момент сè уште не ја исклучуваат таквата можност.
„Јасно е дека осомничените сторители имале интерес од уништување на елементи од нивните досиеја. Веројатно станува збор за луѓе во чиј интерес било да се уништат докази, но сè уште нема елементи за заклучок дека станува збор за организиран криминал“, велат од белгиското обвинителство.
Сторителите изминатата ноќ околу 2.30 часот со блиндиран автомобил упаднале во дворот на форензичкиот институт и подметнале пожар во една од лабораториите, а потоа го запалиле и автомобилот со кој дошле. Зградата во тој момент била целосно празна и нема човечки жртви, но предизвикана е голема материјална штета.