Стефано Пиоли ќе биде тренер на Милан до крајот на сезоната, по што ќе добие отказ, пишуваат италијанските медиуми. Тоа ќе биде крај на петгодишната соработка која на Милан му ја донесе првата титула во Серија А по 11 години во 2021/2022. На „Џузепе Меаца“ веќе размислуваат кој ќе биде нов тренер, а моментално се издвојуваат пет кандидати.
Според La Gazzetta dello Sport, најголеми фаворити се Паулу Фонсека и Хулен Лопетеги.
Фонсека е 51-годишен Португалец кој моментално раководи со Лил, а две години работеше во Италија како тренер на Рома. Лопетеги (57) оваа сезона е без работа откако се раздели со Вулверхемптон, а во минатото беше тренер на Реал и Севиља, како и селектор на Шпанија.
Како резервни опции се споменуваат Кристоф Галтје, поранешниот тренер на ПСЖ кој сега го води катарскиот Ал-Духаил, и Марсело Гажардо, долгогодишниот тренер на Ривер Плејт, кој моментално го тренира саудискиот Ал Итихад.
Во потрагата по нов тренер се приклучи и клупскиот советник Златан Ибрахимовиќ, а Tuttosport, пишува дека тој го предложил Марк ван Бомел. Ван Бомел е актуелен тренер на Антверп, со кој беше и шампион на Белгија, а во Милан играше во сезоната 2011/2012 кога му беше соиграч Ибрахимовиќ.