Кристијано Роналдо даде едно од најемотивните интервјуа во неговата кариера, во разговор со познатиот британски новинар Пирс Морган.
Португалскиот фудбалер речиси еден час разговараше со Морган за неговиот живот и кариера, а искусниот новинар знаеше точно каде е „точката на кршење“ на асот на Јувентус.
Морган му покажа на Роналдо снимка со покојниот татко на фудбалерот, во која тој зборува за син му на почетокот на Европското првенство во Португалија во 2004 година.
Во извадок од интервјуто што беше објавено на Twitter профилот на Good Morning Britain, не е достапна снимката, но може да се види расплаканиот Роналдо откако ја видел снимката.
„Никогаш не сум ја видел таа снимка. Неверојатно. Од каде ви е? Не знам од каде сте ја набавиле, ама морам да ја покажам на семејството. Никогаш не се запознав подобро со татко ми. Беше алкохоличар и немавме нормални разговори. Многу ми е жал што не ги доживеа сите мои успеси и што не ме виде како најдобар на светот“, рече Роналдо додека ги бришеше солзите со марамче.
Таткото на Роналдо, воениот ветеран Хозе Динис Авеиро, почина во 2005 година на 53 години од болест на црниот дроб. Не доживеа да види ниту една од петте титули на синот во ЛШ, како ни Златните топки, титулата Европски првак со Португалија, ниту другите достигнувања на еден од најуспешните и најдобрите фудбалери на сите времиња.