Ф1

По стапките на татко му: Мик Шумахер го тестираше болидот на Ferrari

2. април 2019 - 14:29 | К.З.

Синот на најголемиот возач во Формула 1 седна во болидот на Ferrari цели 12 години и 4 месеци откако татко му го направи тоа за последен пат. Мик Шумахер досега реши да чекори по стапките на неговиот татко Михаил, па сега е на чекор до самостојна кариера во Ф1.

Помладиот Шумахер во Бахреин го тестираше болидот на Alfa Romeo, но доби шанса да седне и во оној на Ferrari. Ова се првите чекори во Формула 1 за Мик, кој ќе се обиде да излезе од сенката на неговиот татко и ќе ја гради својата кариерата во најадреналинскиот авто-мото спорт.

Успехот на Михаил Шумахер претставуваше отскочна даска за младиот Мик, кој гледајќи го неговиот татко се заинтересира за возењето на супербрзите формули. Ама оттука па натаму, името на Михаил ќе претставува само дополнителен притисок за 20-годишниот Мик.

Како што веројатно веќе знаете, Михаил Шумахер не е виден во јавност уште од тешката несреќа која ја доживеа во декември 2013 година, кога се здоби со тешки повреди на мозокот. Не постојат податоци и информации за неговата здравствена состојба. Новинарите го прашаа неговиот син како му влијае во животот тоа што е дете на толку позната личност, а младиот Мик остана смирен.

„Тоа е тешко прашање. Сето тоа е дел од мене, син сум на мојот татко и среќен сум поради тоа. Она што тој го направи се смета за најдоброто од Формула 1, тоа е нешто кон кое целам и среќен сум што тој ми е татко. Да не беше мојот татко, верувам дека немаше да бидам личноста која сум денеска“, изјави Мик.

Мик Шумахер имаше 14 години кога неговиот татко ја доживеа страшната скијачка несреќа, која го остави во кома. Сведоштвата на лицата кои го имаат посетено неговиот дом тврдат дека шампионот е жив и свесен, но одбиваат да ја коментираат неговата физичка состојба.

Коментирај