Македонија

По Заев тужби за клевета најавија Димитров и Шеќеринска

24. август 2019 - 16:18 | МИА
Скопје, 24 август 2019 (МИА) – Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска негира негова наводна вмешаност во случајот „Рекет“, и побара од „Република“ да ја повлече како што вели „ноторната лага“, во спротивно ќе поднесе тужба.

МНР ја пренесува реакцијата на Димитров, која тој ја објави и на неговиот Фејсбук профил.

– Барам веднаш „Република“ да ја повлече ноторната лага дека сум вмешан во случајот „Рекет“ и да ми се извини за одвратната инсинуација во текстот чиј сам наслов нема врска со наводите внатре. Во спротивно, прв пат во животот ќе тужам. Нема да дозволам пропагандата да ме валка во случај со кој јас немам апсолутно никаква врска. Мене сосема ми е јасно дека мојот последен статус разбуди многу духови кои очигледно единствено се плашат од луѓе без дамка криминал во своите кариери и поважно – луѓе подготвени до последно да се борат за правда, вели Димитров во демантот.

Тој истакна оти очекува и пропаганда и нечесна битка, но, како што вели неговиот одговор секогаш ќе биде достоинствен.

– Очекувам и пропаганда и нечесна битка и мојот одговор секогаш ќе биде достоинствен, но истовремено и безмилосен кон криминалците и оние кои нив ги штитат преку дефокус и лаги. Влегов во политиката за да го тргнеме срамот од очигледниот криминал и корупција и нема никогаш да престанам во борбата со ова црнило. Овие обиди, напротив, само укажуваат дека сум на правиот пат. Продолжете ноќта да ја нарекувате ден, нема да ви помогне. Реков – да се преброиме. Време е, истакнува Димитров во демантот.

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на својот Фејсбук профил објави дека ќе покрене тужба против порталот „Република“ за, како што вели, лагите насочени против неа.

– Ќе ја тужам „Република“ за нејзините лаги, затоа што реакции до нив се непотребни и залудни. Сите знаеме дека, со секој од своите непотпишани текстови, си одработува за своите “непознати” газди. Газдите ни ја крадеа државата, тие, пак, имаа задача да ја лажат. Лажат и манипулираат со јасна цел која ја гледаме на дело секој ден во судовите: да ги оневозможат, попречат или одложат сите постапки за криминалот, корупцијата и злоупотребите кои ги чувме во „бомбите“ и видовме на дело претходните 10 години.

Создадоа мафијашка структура која одземаше фирми и уништуваше животи преку ноќ, која контролираше, уценуваше и плаќаше новинари, која знаеше само да потплаќа, купува и продава… и сега сака да избега од правдата и одговорноста. Што ќе прави? Истото тоа, но со повеќе лаги и повеќе пари. Не успеаја досега. Нема ни сега!, напиша Шекеринска на нејзиниот Фејсбук профил. 

Коментирај